Пред премиерата на „12“ во МНТ - интересни факти за текстот и филмовите

Многу е веројатно да сте гледале некоја од верзиите на екранизацијата на текстот на Реџиналд Роуз, за 12-мина поротници и нивните дискусии за тоа дали постои основано сомневање за она за што се товари осомничениот. Една човечка судбина е во нивните раце. Текстот што се занимава со универзалната тема на „психологијата на толпата“ и моќта на поединецот да направи разлика е поврзан со интересни факти. 

Сидни Ламет режирал повеќе од 40 филмови во својата кариера која траела над педесет години. Голем број од нив се занимаваат со прашања на социјална правда, а сето тоа почнало со „12 гневни луѓе“ од 1957, кој заработи неколку номинации за Оскар, а подоцна стана и „златен стандард“ за судски драми. 

Еве неколку интересни податоци поврзани со филмот и текстот:

1. Драмата е инспирирана од реално поротничко искуство

Реџиналд Роуз, еден од најпочитуваните писатели во текот на раните денови на телевизијата, бил поротник во случај на убиство во 1954. Како драматург, тој секако го забележал заплетот вграден во ситуацијата. Исто така сфатил дека иако и во тоа време имало голем број судски драми, немало многу такви кои се одвиваат по судењето, во просторијата каде заседава поротата. „12 гневни луѓе“ била напишана како едночасовна теледрама и била прикажана, во живо, на 20 септември 1954.

2. Тоа е единствениот филм што го има продуцирано Хенри Фонда

Актерот ја видел ТВ продукцијата и бил убеден дека од тоа се прави одличен филм. Бидејќи не можел да најде продуценти кои би го презеле ризикот - тоа била сериозна црно-бела драма која се одвивала во една соба во време кога станале популарни епски колор филмови снимани за широкото филмско платно - Фонда влегол во соработка со авторот за тие да самите да се појават како продуценти. 

Тој на крај го замразил искуството на продуцирање (не и актерскиот дел, на кој бил многу горд) и никогаш веќе не се занимавал со оваа бизнис страна на филмот.

3. Филмот „Марти“ помогнал да биде направен и „12 гневни луѓе“

Кога Фонда и Роуз се обидувале да ја истуркаат филмската верзија на нивниот филм, публиката веќе била воодушевена од „Марти“, романтична драма со Ернест Борџнин, која ќе добие Оскар за најдобар филм. Ова е важно затоа што овој филм го започнал својот живот исто така како теледрама во антологиска серија, и бил првата успешна адаптација од ТВ на филмско платно. Извршните директори во Јунајтед артистс така биле многу отворени за идејата да ги користат ТВ драмите за сценарија и веднаш се согласиле со предлогот за „12 гневни луѓе“.

4. Пробите траеле речиси исто толку долго колку и снимањето

Сидни Ламает бил обучен за театар (најпрвин како актер, потоа како режисер), па овие вештини му помогнале и во режирањето на овој филм. Тоа вклучувало интензивен процес на проби кои траеле две недели од сабајле до вечер. Кога дошло време да се снима сè било подготвено, па Ламет и екипата можела да се фокусира само не техничката страна. Снимањето требало да трае 20 дена, но Ламет завршил за 19. 

5. Во филмот се користат трикови со камера за да се зголеми тензијата

Проблемот со правење филм кој целиот се одвива во една соба е што може да стане визуелно досаден. Ламет сфатил дека ликовите исто така нема да можат да се движат многу-многу, па поголем дел од „акцијата“ ќе вклучува седење околу маса. Така направил да се движи камерата. Тој и неговиот кинематографер, Борис Кауфман (кој добил Оскар во 1955 за „На доковите на Њујорк) смислиле тактика: ја снимиле првата третина од филмот над ниво на очи, втората третина на ниво на очи и последната под ниво на очи. Така, кон крајот, почнал да се појавува плафонот. Чувството е дека ѕидовите се затвораат, а и плафонот како да се спушта. Чувството на зголемена клаустрофобија ја нагласува тензијата во последниот дел од филмот. 

6. Околу половина од сета монтажа во филмот е во последните 20 минути

Поради истата причина како и во точка 5, Ламет и монтажерот Карл Лернер ја користеле и монтажата за создавање напнатост. Филмот почнува со долги, непрекинати кадри, кои често трае минута и повеќе без „кат“. Но како што разговорот се вжештува, монтажата станува побрза, а просечното траење на кадарот е пократко. 

7. „Пресудата“ на публиката? Пфф!

Продуцентите, охрабрени од успехот на „Марти“ малку се прецениле па филмот имал премиера во кино-салата Капитол со 4000 седишта, од кои ги пополнил само првите редови. Ова предизвикало паника кај Јунајтед артистс кои го повлекле филмот. Тој едвал ги покрил трошоците, но не заработил ништо повеќе. Вистинската слава ја доживеал неколку години подоцна, кога почнал да се прикажува на телевизија...всушност местото кадешто сè почнало. 

8. Тој е многупати адаптиран, на различни јазици

Вилијам Фридкин („Егзорцист“) ја има режирано верзијата од 1997, со Џек Лемон. Но има и германска, норвешка, индиска, јапонска (види Букбокс осврт тука), руска, француска, кинеска. Јапонската е интересна затоа што е обратна - прво сите гласаат за ослободување, а дури потоа се убедени во обратното. 

19 ноември 2024 - 16:48