На 22 декември 1850 весникот Винсенс Газет од Индијана, ја објавил следнава анегдота:
Една дама, откако прочитала за производството на одометри, кои можат да измерат колку била возена некоја кочија, изјави дека посакува некој генијалец да измисли инструмент кој би покажувал колку далеку отишле сопрузите кога рекле дека „само тркнале до поштата“ или „отишле да присуствуваат на собир“.
Жената од Индијана изгледа не знаела дека такви апарати веќе биле достапни, користени од геодетите и други професии за мерење оддалеченост. Но затоа пак друга, од Бостон, успеала да изведе точно таква шпиунажа како што е опишана во извадокот. Според извештај од 7 октомври 1879 од весникот Hartford Daily Courant, таа „нежно“ (читај: тајно) закачила педометар на нејзиниот маж кога по вечерата тој рекол дека ќе појде до канцеларија за да изврши некои „книговодствени работи“. Откако се вратил, педометарот имал забележано 24 километри - тој се врткал околу билијардска маса цела ноќ.
Ваквото следење на активноста на поединци не било ограничено само на домашните врски. Педометрите, најпрвин ознаки на богатство и моќ, служеле за контрола на работниците и нивниот учинок. Така, некој адмирал им подарил на помладите офицери нешто што изгледало како обичен џебен часовник, но всушност бил педометар. Така ги следел нивните ноќни активности, кои требало да се состојат од дежурства и будна контрола на бродот. Но наутро се покажувало дека тие едвај да изоделе еден километар, што значи дека главно се одмарале или спиеле. Следната вечер на некој од помладите му текнало да го затресе педометарот и да го „хакне“ - така тој регистрирал повеќе километри. Ама притоа претерал, па испаднало дека секој од нив изодел по 143 километри, што адмиралот го протолкувал како дефект на апаратот.
И ова е само еден од раните, а всушност многу чести понатамошни хакнувања на системот, што и не е чудно кога ќе се земе предвид дека педометарот станал алатка за набљудување во корист на оние на позиции на моќ. Но ризикот останал.
Така, извесен Ханибал Џексон, од здравствени причини требало секој ден согласно совет од лекарот да отпешачи извесен број километри. Сопругата му дала педометар кој покажувал дека сиротиот Ханибал ги следи упатствата. Но на една вечера кадешто госпоѓа Џексон пред пријателите гордо раскажувала за успехот на сопругот, еден негов пријател го поткажал - дека Ханибал само оди до најблиската трафика, си купува пура и потоа додека ја пуши на првата клупа или во првата кафана го тресе педометарот додека тој не ја покаже посакуваната километража. Сопругава се шокирала, ама мажот само ја потврдил приказната, велејќи дека забавата што му ја пружа оваа мала измама всушност го извадила од дотогашната депресија.
Всушност, периодот кој следи педометрите веќе се поврзувани со здравствените придобивки и тоа не само на мажите. Во втората половина на 19 век нив веќе ги користеле и жените, како моден додаток но и како алатка за контрола од страна на родителите. Така, младите девојки понекогаш биле испраќани на локалните забави со педометар дискретно закачен за телото (на пример на подвезиците), за тие случајно да не „застранат“ некаде по пат. Истовремено, педометрите ги мереле постигнувањата на жените-спортистки, оние кои се занимавале со брзо или долго пешачење.
Така, раната апликација на педометрите подоцна ги претворила во инструменти на интимен мониторинг и контрола, квантифицирајќи го животот на начин кој ги отсликува променливите норми на индивидуална одговорност и јавна транспарентност.