Светот во тие две години на ширење на шпанскиот грип, од 1918-1920, загубил голем број креативни и талентирани личности кои починале како последица од него. Меѓу нив австриските уметници Густав Климт и Егон Шиле, како и германскиот социолог Макс Вебер. Од шпански грип умрел и дедо му на Доналд Трамп, Фредерик.
Но имало и такви кои заболеле но успеале да се спасат. Меѓу нив биле следниве:
Рејмонд Чендлер
Американскиот сценарист и автор на романи-мистерии два пати заболел од грипот додека бил во Франција, како волонтер на канадските воени сили за време на Првата светска војна. И два пати се спасил.
Роберт Грејвс
Авторот на „Старогрчките митови“, книгата преку која многумина од нас како деца прв пат се запознаа со оваа тема, додека бил во војска напишал кратка песна која велела: „Се разбудив со ненадејна треска, во која препознав симптоми на шпански грип“. Одлучил веднаш да ја напушти Ирска и да го надмине вирусот во англиска болница. Со оглед на тоа што ја напуштил земјата со висока температура и без официјални документи, имал среќа да дели такси со офицер кој му помогнал да ги пополни неопходните формулари
Франц Кафка
Славниот писател заболел од вирусот во октомври 1918, кога му пишал на својот шеф: „Лежам во кревет со треска која е директно поврзана со моите бели дробови. Во моментов тешко дишам и се потам ноќе“.
Волт Дизни
Кога неговиот најдобар пријател не бил примен во морнарицата, Волт и тој се придружиле на амбулантниот одред на Црвениот крст. Додека биле стационирани во камп за обука во јужниот дел на Чикаго, Дизни се разболел од шпанска треска. Бил вратен дома, каде за него се грижела мајка му, а по неколку месеци, откако се опоравил, се вратил во одредот.
Џорџија О’Киф
Американската сликарка, родена 1887, најпозната по пејзажите на Њу Мексико и големите цветови, чија прва самостојна изложба во Њујорк била организирана од Алфред Штиглиц. Двајцата во 1917 започнале долга преписка која траела година и половина, до моментот кога таа се разболела од шпански грип. Нивната врска до тој момент веќе станала љубовна, иако Штиглиц бил женет и тоа повеќе од 2 години, а бил и две децении постар од О’Киф. Тој ја убедил да се врати во Њујорк и да се лечи во неговиот дом на Менхетен, што на крај довело до неговиот развод. О’Киф и Штиглиц се зеле во 1924, и останале заедно до неговата смрт во 1946. Таа никогаш не се премажила. Живеела до 98 години.
Едвард Мунк
Најпознат по сликата „Крик“, која има четири верзии. Над една од нив со своја рака Мунк напишал: „Можело да биде насликано само од лудак“. Навидум посмирен, но со исто така болна приказна, е неговиот „Автопортрет со шпански грип“ (слика горе) на кој тој е прикажан блед и слаб, додека седи замотан во својата наметка.
Мунк сепак оздравел и живеел долг живот како плоден сликар, до својата 80-та година.