Повлечена научна статија со илустрација на посебно „надарен“ глушец генерирана од ВИ

Научно списание со отворен пристап деновиве е предмет на исмевање на социјалните мрежи откако објавило нешто што изгледа како мала шега на вештачка интелигенција, или влажен сон на група глувчици. 

Она што го гледате на горната слика е стаорец со „рон-џеремиевски“ гениталии, на кои може да му позавиди и претставник на човечкиот вид. Илустрацијата е од текст објавен во научното списание Frontiers in Cell and Developmental Biology, која е придружена со блесави описи и дијаграми на анатомски некоректни тестиси и сперматозоиди на ова сирото животно, кои најверојатно се генерирани со вештачка интелигенција.

Списанието одговори на критиките со пост на платформата Икс (поранешен Твитер): „Им благодариме на читателите за нивното сериозно читање на нашите статии - токму отворениот пристап до нив овозможува повратна информација од заедницата и корекција на нашите грешки“. Потоа го повлече текстот, наведувајќи дека тој не ги исполнувал уредничките и научните стандарди. 

Од она што можело да се види пред текстот да биде повлечен, во него нема само научно некоректна содржина, туку тој е полн и со коректорски грешки и со по некој непостоечки збор. Авторите се од Кина, а статијата наводно била рецензирана од истражувачи од Индија и САД. 

Овој инцидент само укажува на идните опасности од користење вештачка интелигенција во научни статии. Со повеќе од 114.000 цитати во минатото, сега спомнатото списание се сомничи дека и претходно објавувало непроверени текстови, кои поминале како релевантни па дури можеби завршиле и како референци во други трудови, на тој начин само ширејќи го „вирусот“ на некоректноста. 

извор

19 февруари 2024 - 15:43