Во 1974, Доли Партон била на врвот на дотогашната кариера, со два последователни број еден хитови на американската кантри листа, „Џолин“ и „Секогаш ќе те сакам“, кои станаа популарни и кај мејнстрим поп публиката. Тогаш заѕвонил телефонот, а од другата страна бил Елвис Присли. Ја слушнал I Will Always Love You и сакал да сними своја верзија. Партон била избезумена од среќа и се согласила со предлогот.
Тогаш зошто никогаш не сме ја слушнале оваа изведба на Елвис?
Вечерта пред снимањето на Партон ѝ се јавил озлогласениот менаџер на Елвис, Том Паркер, и ѝ кажал дека тој нема да ја сними песната доколку таа не му предаде половина од правата. Партон плачела цела ноќ, убаво размислила и на крај одбила. „Сакав да му ги оставам правата на семејството“, изјавила таа подоцна. Додуша, после излегло дека донела ептен исправна одлука - откако Витни Хјустон ја сними истата за саундтракот на „Телохранител“ во 1992, кантри ѕвездата се уште го имала авторството кај себе, и заработила „доволно да го купи Грејсленд“.
Партон не била единствената авторка која се судрила со Паркер. Џери Либер и Мајк Столер, кои напишале дестина хитови на Елвис, од „Хаунд дог“ до „Џејлхаус рок“, првично се согласиле да го делат процентот од авторството со рок ѕвездата, по логиката на тоа дека ќе заработат повеќе пари од 50% од песна на Елвис отколку 100% од песна која ќе ја испее некој анонимус.
Но и тие го загубиле трпението кога во 1960-тите, откако се согласиле да напишат песни за филм во кој глумел Елвис, Паркер им испратил договор кој се состоел од празна страница, со само две линии на дното, за нивните потписи. Веќе никогаш не работеле со него, ниту пак пишувале за „кралот“.
Приказни како оваа се дел од фолклорот на музичката индустрија. Но проблемот е што вакви примери се уште има. Всушност притисокот врз авторите, тие целосно или делумно да се откажат од своите песни, е толку зголемен, што група најголеми хитмејкери во светот во моментов реагираа за јавноста да се запознае со оваа практика.
Се нарекуваат Пакт, а минатиот месец објавија отворено писмо во кое побараа изведувачите да престанат да си ги преземаат заслугите за песни кои не ги напишале. Имињата на потписниците не се препознатливи, но нивната музика е - помеѓу нив има такви кои пишуваат песни за Дуа Липа, Лејди Гага, Џастин Бибер и Аријана Гранде. Начинот на кој славните изведувачи односно нивните агенти изнудуваат права за песни е опишан како „булинг“, а просечниот процент кој притоа им се нуди почнува со 1% и стигнува максимум до 20%. За песна која тие самите ја имаат напишано!
Ова го прават не само некои легендарни артисти (иако веќе и нема такви како Елвис), туку и оние поновите, уште во фаза на „пркнување“. Од една страна, јасно е дека без авторот не би имало песна. Но без продуцентот, истата не би била снимена за позната дискографска куќа, од познат изведувач. Така излегува дека авторите се постојано во подредена положба, а доколку не се во добра финансиска ситуација тогаш знаат да прифатат и понижувачки договори.
Кампањата многумина ја нарекоа „повик за будење“, а поддршка даваат и некои од самите музичари. Стратегијата на „Пакт“ е да не се спомнуваат конкретни имиња на артисти за да не се поттикне омраза туку напротив солидарност со каузата. Она на што тие повикуваат се „бебешки чекорчиња на самопочит“, и од страна на самите автори на песните, но и почит кон нив од страна на музичката индустрија.