Во 1958 францускиот уметник Ив Клајн отворил изложба под наслов „Празнината“, а единственото изложено дело било голем, празен и проѕирен кабинет, во иста таква празна соба. Илјадници посетители платиле да влезат во париската галерија за да видат - ништо.
По овој успех, Клајн отишол чекор понатаму, со тоа што на колекционерите им овозможил да купат серија непостоечки и целосно концептуални простори во замена за чисто злато.
Неколкумина, на бранот на трендот, ги избројале златниците. А завчера (13.04), непознат купувач избројал над милион евра на аукција на Сотби во Париз за да ја купи потврдата за сопственост на тоа невидливо дело.
Таа се однесува на сопственост на еден од замислените простори на Клајн, наречена „Зони на нематеријален сликовит сензибилитет“. Самиот документ е дизајниран од уменикот така да личи на банкарски чек, а датумот на него е 7 декември 1959.
Потврдата најпрвин му била дадена на продавачот на антиквитети Жак Кугел и е една од ретките кои преживеале. Ова не е затоа што Клајн имал потешкотија да продаде имагинарни дела, туку затоа што на купувачите им нудел избор: да ја сочуваат потврдата или ритуално да ја изгорат. Ако го стореле второто, тогаш станувале „дефинитивен сопственик“ на делото. Од своја страна Клајн, по горењето на чекот во присуство на сведок фрлал половина од златото со коешто бил платен во реката Сена.
Кугел сепак се одлучил да го сочува чекот и од тогаш тој е прикажуван на изложби низ светот. Сега беше ставен на продажба од поранешниот сопственик на галерија Лоак Мал, заедно со стотина други предмети од неговата приватна збирка.
Во каталогот на изложбата Сотби ја поврзува идејата на Клајн со современите „незаменливи токени“ (NFT), бидејќи и чекот овозможувал размена на нематеријални дела. Ако го додадеме и тоа дека Клајн ги регистрирал сите последователни сопственици на „зоните“, тогаш на НФТ му додаваме уште еден револуционерен концепт - блокчејнот.
Од галеријата потврдиле дека успешниот купувач не само што станува сопственик на потврдата, туку логично, и на самиот невидлив простор односно дело.
Претходно - И тоа да видиш: уметноста на невидливото