Ако мислите дека македонската уметничка „јавност" понекогаш не успева да ја види уметноста во делата кои ѝ се пред очи, тоа сигурно ќе важи за оние кои ќе се обидат уметноста да ја видат во делата „изложени" во галеријата Хајвард во Лондон.
Една од најпознатите уметнички уметнички институции во Британија ќе се обиде да ги помести границите на визуелната уметност, организирајќи изложба на невидливи дела. „Невидливо: уметноста на она што не се гледа 1957-2002" ќе се отвори на 12. јуни, и ќе вклучи празни постоља, платно насликано со невидливи бои и невидлив лавиринт.
Ралф Ругоф, директор на галеријата, изјавил: „Сметам дека посетителите (кои патем треба да платат 8 сосема видливи фунти за изложбата) ќе сфатат дека има многу што да се види и искуси во оваа изложба на невидлива уметност. Ќе може да поминат низ невидлив лавиринт кој се материјализира додека се движите низ него, да видат уметничко дело преку џарење во него 1000 часови, и да бидат во присуство на аурата на Енди Ворхол". Идејата, наводно, е дека смислата на уметноста не е во материјалните предмети, туку во нашата фантазија, која ја поттикнува токму она што не се гледа, туку насетува.
Споменатото дело „1000 часови џарење" (уште познато и како - буљење) е празно парче хартија во кое уметникот Том Фридман гледал на повеќе наврати во тек на пет години.
Kога ќе размисли човек, ова и не е толку лоша идеја. Какви сè „уметнички" дела има, барем кога се невидливи човек не се нервира кога ги гледа.