Книгата „Моќта на лошото“ излезе на 31 декември 2019, можеби симболично, како вртење нова страница во годината што следува. Таа претставува соработка помеѓу Џон Тирни, автор на научно-популарната колумна „Фајндингс“ (Откритија) во Њујорк Тајмс, и Рој Ф. Баумајстер, социјален психолог познат по својата работа на теми како сексуалност, самоконтрола, мотивација и агресија.
Под „лошо“ во случајов не се подразбира морално или естетско „лошо“, туку склоност кон негативно толкување на нештата и фокусирање на истото - кога финансиски губиток се доживува како потежок отколку еквивалентна добивка; кога само еден негативен осврт од многуте позитивни одлучува дали би отседнале во некој хотел или би прочитале некоја книга; кога еден лош спомен ни одредува однос кон човек со кого со години сме делеле убави нешта. Според проценката на авторите, статистиката за анулирање на лошото е 4:1 - потребни се четири добри нешта за да се заборави на едното лошо.
„Живееме во златно доба“, пишуваат тие, „без оглед што повеќето луѓе мислат поинаку. Побогати сме, поздрави, послободни и побезбедни од нашите предци, па сепак забораваме да уживаме во тој благослов.“ Како да не се однесуваме така? Со тоа што ќе го игнорираме ѓубрето (и физичкото и менталното) што се трупа околу нас, и ќе си врвиме по патот, до целта.
„Целта?“ - коментира циникот во нас. Позитивните примери кои ни ги даваат авторите се луѓе кои сепак имале некаква цел. На пример Феликс Баумгартен, кој ако се сеќавате во 2012 скокна од хелиумски балон од стратосферата и се спушти во Ново Мексико, пробивајќи го звучниот ѕид и воспоставувајќи светски рекорд. Ова наводно го направил со когнитивно-бихејвиорални терапевтски техники, како повторување мантри и длабоко дишење. Алал, што би се рекло.
Сепак, и целосното игнорирање на лошото, во форма на негово потиснување не е на арно. Ова според авторите особено важи за воспитување на децата, кои треба да бидат наградувани за постигнатото, но никако и да бидат целосно заштитувани од „лошо“. И не само со деца, понекогаш и генерално е добро да се биде лош, за нечие туѓо добро.