Потеклото на #rip

Акронимот кој најчесто означува дека починала позната личност (или можеби нечија батерија) е rest in peace или почивај во мир. Но она што најчесто го читаме и толкуваме на англиски е всушност латинска кратенка.

Requiescat in pace е изрека која се користи во традиционалните католички протестантски проповеди, како молитва за на душата на покојникот да ѝ се посака вечен мир. 

Таа, во малку поинаква форма - dormit in pace или спиј во мир, е најдена во катакомбите на раните христијани означувајќи дека тие починале во мир со Црквата, односно обединети со Христа. Подоцна првиот збор е заменет со „почивај“, а понекогаш освен „во мир“ е додавано и „во љубов“. 

Сепак ако се преведе буквално, requiescat in pace не е во заповеден начин, не е порака директно упатена кон покојникот, туку повеќе оди накај „нека почива..“, што добива форма на благослов. Kратенката РИП станала популарна бидејќи била многу попрактична за врежување во надгробните плочи (а ете денес и за правење хаштази). 

Сепак, користењето на акроним кој само автоматски ни асоцира на нечија смрт го отежнува разбирањето на неговата идеолошка позадина. Што точно треба да почива во мир - покојниковата душа или тело? Можеби двете? Дали мирот важи за почивањето во и на Земјата (на пример 40 денови, додека не замине на небото) или засекогаш? Можеби до денот кога душите на праведните ќе воскреснат? 

Дури и во рамки на една иста религија, на пример на христијанството, се наидува на различни интерпретации. Но Стариот завет, на пример, е прилично јасен и не дава ич надеж за прекин на „почивката“:

„За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестано избиваат. Макар и да е остарен, коренот негов во земјата и пенушката да му замрела во прав. Но штом ќе осети вода, тоа дава младинци и пушта фиданки, како да е одново посадено. А човекот умира и истлејува: си оди, и каде е тој? Истечуваат водите од морето и реката секнува и пресушува. Така, човекот ќе легне и нема да стане, до свршетокот на небото нема да се разбуди и нема да се разбуди од својот сон“. (Книга Јов 14: 7-13). 

20 ноември 2024 - 11:11