До раниот 20 век во Англија било стандардна практика да се формираат целосно женски пороти од поавторитетни жени со медицинско знаење (juries of matrons), за да се одреди дали некоја жена осудена на смрт со бесење е бремена. Доколку тие кажеле дека ова е вистина, тогаш казната се преиначувала во помала.
Истражувањето на ваквите пороти открива како се менувале улогите на жените во правните системи низ времето. Исто така, тоа покажува како се менувале верувањата за тоа кој е „експерт“ за женското тело и кој одлучува за женските животи.
Пороти составени целосно од жени се појавиле во 1140-та и постоеле некаде до 1930-тите. Нивната улога била високо ценета - доколку одлучеле дека жената носи дете, наодот не се доведувал во прашање.
Освен за бременост, овие пороти носеле и одлуки поврзани со наследни прашања, испитувале дали жените имаат физички знаци на вештерство и одлучувале дали некоја жена обвинета за убиство на сопственото дете воопшто родила. Членовите на поротата биле чесни жени ценети во заедницата, а овој статус им носел и привилегии. Вакви пороти имало и во колонијална Америка, како и во Австралија и Нов Зеланд.
Но до доцните 1800-ти почнало да преовладува мислење дека ваквите пороти се премногу „меки“ и дека осудените го злоупотребуваат „правилото на стомакот“. Плус дека жените генерално се премногу ирационални за да носат информирани одлуки. Во меѓувреме, со развојот на медицината, станало можно со помош на стетоскоп да се детектира срцевото биење на фетусот, што се сметало за посигурен метод за утврдување бременост.
Така, поротата составена од жени полека исчезнала. Иронично, во Австралија дури во 1997 жените добиле истоветни права како и мажите да бидат дел од пороти во сите австралиски држави, за разлика од нивните колешки од минатото, кои имале официјална и значајна улога во судски систем кој инаку бил доминиран од мажи.