„Порано склучуваше договори од милијарди долари со телеком џиновите. Сега прави пакт со ѓаволот. Кој е олицетворен во вештачката интелигенција“.
Вака почнува детална репортажа од снимањето на новата верзија на славното дело на Гете објавена во Гардијан. Сомничав околу тоа дали ова е средовечна криза на некогашен телеком директор (читај: каприц), или асално ре-интерпретирање на Фауст за 21 век, новинарот Стујард Џефрис известува дека во филмот на Хам Фауст веќе не е средовековен доктор-волшебник, туку AI гуру кој се обидува да го имитира Бога со тоа што создава живот, додека носи црна ролка и џинс како Стив Џобс. Неговиот ѓавол е трговец на берза облечен во скапо одело. А во приказната има и император со краток опсег на внимание. Звучи познато, нели?
Гречен, невината 14-годишна девојка која е уништена од алчниот Фауст во драмата на Гете, во оваа верзија е 16-годишна вработена во старт-ап во Силициумската долина наречена Вајнстон инк., каде е заведена од сексуален предатор со децении постар од неа. Самиот Хам вели дека ова е директна референца на Харви Вајнстајн, иако и без тоа е прилично очигледно.
Иако драмата на Гете во театар се игра и до 22 часа, Хам планира да ја сведе нарацијата на 90-минутен филм. Тој според планот би требало да е готов до ноември, а Хам планира да направи и изложба со слики и скулптури со сцени од делото, како и книга во која ќе спротивстави фотографии со текст од постоечки превод на англиски на Фауст. Засега тој е единствениот финасиер на проектот, иако сега бара партнери за дистрибуција и понатамошен развој.
Пред да стане бизнис титан, Хам студирал филозофија во раните 1980-ти, кога особено бил заинтересиран за германскиот идеализам и филозофијата на Хајдегер. Во неговото сценарио има голем број филозофски прашања кои и денес го мачат - што значи да си човек, кои се опасностите од технологијата, стапиците на капитализмот. Бил инспириран да го направи филмот откако видел изложба на Дали базирана на сцени од „Пеколот“ на Данте во Фиренца во 2015. Вели дека сака да го стори за Гете она што Дали го прави за Данте. Засега сето делува малку хаотично, но можеби и ќе успее во намерата. Што би рекол Гете, „времето ќе покаже“.
Извор: Гардијан