Поминете една ноќ во Музејот д'Орсе во Париз на отворањето на Олимписките игри

Ерби-ен-би, во рамки на својот проект „Ајконс“, ќе им овозможи на двајца патници да букираат една вечер во познатиот париски музеј, кадешто ќе можат да ја следат церемонијата од балкон со поглед на реката Сена. Плус ќе им понуди приватна тура низ збирките импресионистичка уметност и увид „зад сцената“ на оваа институција.

Кога на 26 јули во Париз ќе се отворат летните олимписки игри, самата церемонија ќе се одвива долж реката Сена. Наместо да парадираат во рамки на стадион, како што е вообичаено, спортистите ќе се возат на бротчиња претставувајќи ги националните делегации. 

Наскоро, двајца среќни патници ќе можат да резервираат седишта во првиот ред. Платформата за изнајмување хотели и апартмани, Ербиенби нуди една вечер во познатата соба со часовници на Музејот д'Орсе, која гледа токму на реката. 

„Од спалната излегувате на тераса и го имате најдоброто седиште на цермонијата на отворање“, вели извршниот директор на спомнатата компанија, Брајан Чески. 

Метју Леанер, кој го креираше Олимпискиот факел, го декорираше луксузниот простор на aпартманот. Во него има „лебдечки“ кревет подигнат од подот, вреќа за боксување и тегчиња (сепак, нешто поврзано со спорт), како и поглед кон музејската кула и часовникот што обезбедува неспоредлив преглед на градот, нагласувајќи ја убавината на париската ноќ. Ѕидовите се обложени со дрво, а паркетот е „версајски“.

Музејот Д'Орсе е познат по своите збирки на импресионистичка и пост-импресионистичка уметност (Моне, Дега, Реноар, Ван Гог), како и по својата архитектура. Зградата е конструирана пред 125 години и до 1939 била железничка станица. Голем број од оригиналните елементи се недопрени, вклучително и големиот часовник. 

Во престојот спаѓаат и приватна тура низ музејот, како и мистериозни искуства „зад сцената“, кои не се достапни за јавноста. Музејот е дел од програмата „Ајконс“ на Ербиенби, нова категорија на исклучителни искуства во кои се вклучени и големи имиња од сферата на музиката, филмот, уметноста и други области. Првите 11 вакви понуди беа објавени на 1 мај, а вклучуваа престој во Музејот на Ферари, спиење во куќата од цртаниот „Ап“, престој во куќата на Принс и други.

30 мај 2024 - 18:17