Помислата на „Политикин забавник“ ни буди убави спомени на неделникот чиј нов број го чекавме секој петок. Тој беше извор на необични податоци, како рубриката „Веровали или не“, на стрипови за Пајо, Мики и Хогар Страшниот, исто така стриповскиот црно бел додаток на средината, па енигматика, „Облечете ја/го..“ со оние делови што требаше да се исечат, како и барањето пријатели за допишување низ цела Југославија.
Во Народната библиотека на Белград, вчера, 28.02., беше отворена ретроспективна изложба по повод 85 години од излегувањето на овој забавник, кој е се уште жив. По прв пат се претстаавени предмети користени во работата на редакцијата, а посетителите можеа да видат фотографии на некогашните новинари и соработници, оригинални илустрации табли од стриповите, како и посвети кои редакцијата ги добивала од великаните на светскиот стрип во текот на своето долгогодишно постоење.
На отворањето беше врачена и исто така јубилејната награда за најдобро книжевно дело за млади кое се доделува по 45 пат. Оваа година добитник е Урош Димитријевиќ за романот „Штици“ (Даске) во издание на Домот на културата „Студентски град“.
Од старите броеви кои ги чуваме посебно ни остави впечаток рубриката во која читателите му поставуваа прашања на забавникот, како што тоа денес го правиме со чет ботовите. Во бројот 2030 од 23.11.1990 извесна Индира од Бања Лука прашува. „Одговори ми најкратко што можеш, што е тоа судбина?“.
Политикин: „Една кинеска поговорка вели - сееш постапка - жнееш навика. Сееш навика - жнееш карактер. Сееш карактер - жнееш судбина“.
Снимката од настанот кој се пренесуваше во живо на интернет: