Политичка коректност наспроти фолклор: германски остров згасна традиција на удирање жени со рогoви

Повеќето луѓе во Германија ја поврзуваат прославата на Св. Никола со традицијата децата да оставаат исчистени чевли близу влезната врата вечерта на 5 декември, а следниот ден да ги најдат наполнети со мали подароци. Но има и региони, како Баварија, каде дедо Божик има мрачно алтер-его, Крампус. Влакнестиот демон има различни локални имиња и е дел од фолклорни прослави кои влучуваат страшни костими и процесии. 

На германскиот остров Боркум во Северното Море, со население од 5000 жители, вечерта на 5 декември се одржува нешто слично на карневал, со фокус на младите и се уште неженети мажи. Тие се облечени во традиционална облека на тн. Клаасом, стар и лут човек кој личи на Дедо мраз, но со многу по „селски“ изглед. Овој лик ги посетува домовите и собирите, често придружен од „помагачи“ за да ги исконтролира децата, дали се воспитани и дали си ги вршат задачите, па оние кои го прават тоа биваат наградени, а другите „предупредени“. 

Подоцна во текот на ноќта мажи од различни возрасти се предизвикуваат на вид боречки меч. Овој дел е затворен за туристите и новинарите. Но лани една група новинари од јавниот сервис НДР тајно снимиле група, таканаречени „фаќачи“, кои ги држат жените додека Клаасомс ги удира по бутините со рог од бик. Луѓето наоколу, вклучително и деца, навиваат додека една од жените е „тепана“. 

Репортажата на НДР вклучи и три жени и поранешен жител на островот кои учествувале во ритуалот, но кои сега го критикуваат. Сепак, некои од нив и во емисијата тоа го прават со скриени лица, плашејќи се дека заедницата ќе ги осуди. Објаснувањето на организаторите е дека тоа е „чисто машки ден“, дека така се правело со векови и дека нема ништо насилно и лошо во традицијата. Од друга страна, анонимни островјани истакнуваат дека мажите се чувствувале гордо доколку жената не можела да седи неколку дена по удирањето, од модринки и повреди. 

По реакциите во медиумите, властите на Боркум издадоа соопштение дека оваа година тепањето жени нема да биде вклучено во обредот, но истовремено дека новинарската репортажа „отсликува извитоперена слика на фестивалот и содржи бројни новинарски неточности“. 

По ова соопштение 150-200 жени од Боркум протестираа ЗА зачувување на контроверзниот ритуал. Сите овие контроверзи резултираат со зголемени безбедносни мерки од полицијата, која и претходно имала работа поради алкохолозирани учесници и „колективна анархична енергија“. 

6 декември 2024 - 11:12