Неодамна Пол Мекартни за Тајмс изјави дека неговиот добар вид, на свои 82 години, му го должи на тоа што некој во хотел во Индија му покажал вежби за очите и од тогаш тој секојдневно ги практикува.
Но што е тоа „очна јога“? Различни вежби во оваа смисла се дел од јога традиции со векови. На пример тн. „тратак крија“ е практика во која наместо да се трепка се останува со отворени очи додека тие не почнат да солзат, како форма на прочистување. „Тратак“ на санскрит значи „фиксирај го погледот“ и најчесто се практикува гледајќи во пламен од свеќа.
Поблиску до нас, во доцниот 19 век, доктор Вилијам Бејтс, офталмолог од Њујорк, ја објавил книгата „Метод на Бејтс за подобар вид без наочари“, во која го тврди токму тоа, дека со навремени и редовни вежби може да се одбегне носење дипотер. Поконкретно, тој предлагал движење на очите, визуелизациски техники, фокусирање на контури на букви, често трепкање и замислување на буква како поцрна и поостра. Сајт со вежби инспирирани од неговото дело е активен и денес, и тој содржи и вежби за разрокост, миопија и други состојби.
Сепак, споредбата помеѓу јога практиките и методот на Бејтс дава предност на првите, особено затоа што вториот метод е потенцијално штетен, промовирајќи „соларизација“ (гледање во Сонцето) што е опасно и прекумерно ја изложува ретината на сончева светлина.
Во долново видео сер Пол самиот покажува пар вежби објаснувајќи ја нивната едноставна логика - и окото се состои од мускули, па оттаму, како и мускулите на други места на телото, треба да се вежба. Необично е да гледаш „бесмртна“ музичка ѕвезда како се прави разрок бидејќи тоа било добро за очите, ама па човекот на 82 делува здраво (пу, пу) па може треба да му се верува.