Кога се зборува за „подарување“ на Нобелот, не станува збор за вистинско пренесување на наградата – таа не може да се пренесе на друго лице – туку за политичка метафора: симболично признание на сила, решителност и авторитет.
Неодамнешното подарување на Нобеловата награда за мир на Трамп од страна на Марија Корина Мачадо не е насочен кон Шведската академија, ниту кон светската јавност во целина, туку пред сè кон домашната опозиција и американскиот политички естаблишмент. Пораката е јасна: Венецуела не бара неутрален арбитер, туку моќен заштитник. Во таков контекст, Нобеловата награда – некогаш замислена како универзално признание за човештвото – се претвора во идеолошки реквизит, средство за привлекување внимание и наклонетост на моќта. Нејзината вредност веќе не е во она што е наградено, туку во тоа кому му се нуди.
Токму затоа, споредбата со норвешкиот писател Кнут Хамсун се наметнува речиси сама по себе. Во 1943 година, по поразот кај Сталинград и во момент кога победата на Третиот рајх станувала сè понеизвесна, Гебелс ја промовирал идејата за „тотална војна“ – целосна мобилизација на германското општество. Во февруари го одржал својот познат говор во берлинската спортска сала, а токму тогаш по пошта добил необичен пакет: Нобеловиот медал што Хамсун го добил за литература во 1920 година.
Гестот не бил случаен. Хамсун сакал да обезбеди прием кај Хитлер. Бидејќи и Хитлер и Гебелс носеле лични фрустрации од неостварени уметнички амбиции, ласкањето го погодило вистинското место. Гебелс го прифатил подарокот, а Хамсун веќе во јуни истата година бил примен кај Хитлер во неговата алпска резиденција Бергхоф.
Идеолошката блискост, барем на хартија, била целосна. Хамсун се залагал за конфедерација на германските народи, Норвежаните ги сметал за нејзин природен дел и јавно го поддржувал Третиот рајх. Со нацистите делел и длабок расизам, кој без задршка го искажувал уште во своите рани есеи за Америка. Во норвешкиот печат објавувал текстови со отворена поддршка на нацистичка Германија, тврдејќи дека Германците „се борат и за нас“.
Во своето рано дело „Културниот живот на модерна Америка“ (1889), Хамсун остро се спротивставувал на мешањето на расите, нарекувајќи ги Афроамериканците „примитивен елемент“ во белото општество – ставови изнесени во време кога од укинувањето на ропството поминале едвај дваесет и пет години, а расната сегрегација сè уште била широко присутна.
Сепак, средбата со Хитлер завршила лошо. Хамсун побарал смена на суровиот управител на окупираната Норвешка, Јозеф Тербовен, и амнестија за дел од норвешките политички затвореници – барања што Хитлер немал намера ни да ги разгледа. Средбата била напорна: Хамсун, речиси целосно глув, постојано го прекинувал Хитлер, дополнително го иритирал и не постигнал ништо.
По војната, казната дошла од сопствената земја. Следувале општествена изолација и судски процес. Во голем број норвешки градови биле организирани јавно палење на неговите книги, а поранешни читатели, разочарани и огорчени, ги фрлале неговите романи преку оградата од неговиот двор. Иако избегнал затвор поради психијатриска дијагноза, бил казнет со висока парична казна и трајна морална осуда.
Хамсун до крајот негирал дека бил член на нацистичката партија, иако неговата сопруга и синовите биле поврзани со неа, а еден од нив дури и се борел во редовите на СС. Единствено нешто од кое никогаш не се откажал била неговата фасцинација со Хитлер. По веста за самоубиството на диктаторот, Хамсун напишал некролог во кој го опишал како „борец за човештвото и пророк на правдата“.
Токму тука се затвора кругот што ги поврзува Хамсун и современите политички гестови како оној од Венецуела. Во двата случаи, Нобеловата награда престанува да биде симбол на универзална вредност и станува валута на идеологијата. Прашањето што останува не е само морално, туку длабоко политичко: кога признанието за човештвото се претвора во украс на олтарот на моќта.