Историјата на семејството Достоевски е долга над 500 години, но и по малку збунувачка, бидејќи голем дел од машките претставници низ генерациите го имаат истото лично име, кое се повторува дури и од татко на син. Така, Фјодор Михајлович Достоевски, славниот писател имал четири деца, од кои преживеале само ќерката Љуба и синот Фјодор (да го наречеме Втори). Овој пак имал два сина, Фјодор Трети кој умрел како дете и Андреј - татко на Дмитри Достоевски. Дмитри пак има син Алексеј, а тој има три ќерки и еден син, кој се вика...погодувате...Фјодор. Момчето во моментов е најмладиот претставник на семејството Достоевски.
Во обемно интервју од 2021 за христијанскиот портал Ортокрисчн, Дмитри открива детали за своето семејство, за чијашто „слава“ станал свесен во момент кога неговиот предок во СССР бил сметан за контра-револуционерен писател. Ѕидовите на неговата училница по руски јазик и литература биле украсени со портрети на Доброљубов, Толстој, Тургењев, Некрасов, но никаде го немало Достоевски. Тогаш одлучил да дознае повеќе за него, а овие негови истражувања на семејната историја придонеле подоцна да се појави во документарец, но и во споредна улога во два играни филма посветени на Фјодор Михајлович.
Сепак, и Дмитри самиот по себе бил многу интересен лик, кој својата љубопитност ја припишува и на семејното наследство. Во текот на животот се занимавал со десетина професии. Работел како чирак кај човек што обработувал и продавал дијаманти. Возел такси. Бил електричар. Негово последно работно место било возач на трамвајот број 34 со кој водел туристички групи низ Санкт Петерсбург, застанувајќи на локации поврзани со легендариот автор.
Во интервјуто вели дека се свртел кон Бога кога како прилично млад му бил дијагностициран рак и поминал половина година во Онколошкиот центар во тогашен Ленинград примајќи хемотерапии и минувајќи низ операции. Не му предвидувале многу, особено затоа што во тој момент во СССР имало голем дефицит на лекови. Но тој му се обратил на извесен Киношита-сан, преведувач од Јапонија кој го преведувал Достоевски на јапонски и кој токму тогаш бил во Ленинград. Јапонија била позната како најнапредна земја во областа на терапијата за рак. За само една недела пристигнал пакет со потребниот лек, а сите во онколошкото одделение се чуделе, бидејќи истиот го нарачувале преку Москва само за „видни“ луѓе. „Па нели сум и јас таков, потомок на Фјодор Михајлович, кој е познат низ светот? Нели е очигледно дека целиот свет е подготовен да ми помогне?“.