„Ако го пресечевте срцето на Хал ќе видевте годови на мудро старо дрво. Тој им аплаудираше на музичките, книжевните и човечките девијанти. И ги сакаше исклучоците на секое правило. Беше вешт трагач по богаства и археолог на заборавените острови на популарната култура“.
Вака напиша Том Вејтс на својот Фејсбук профил за Хал Вилнер, кој почина на 64 години, како последица на компликации од коронавирус. Пораки напишаа и Ник Кејв, Mеталика и Елвис Костело, а поранешни и сегашни членови на Saturday Night Live (Адам Сендлер, Џон Мулани, Тина Феј и други) снимија oнлајн изведба на Perfect Day во негова чест. Вилнер беше музички продуцент на скечевите на ова шоу цели четири децении.
Продуцирал албуми на Мериен Фејтфул, Лу Рид, Вилијам Бероуз, Лори Андерсон и Ален Гинзберг. Издал само еден сопствен албум, на кој имало аудио парчиња од 78rpm винили од средината на 20 век. Но она по што бил најпознат е комбинирањето на различни креативни музички умови во соработки кои Кејв ги опишува како „генијални, на раб на хаос“, и продуцирањето трибјут албуми и настапи.
Првиот таков, издаден во 1981, е инспириран од италијанскиот композитор Нино Рота и неговата музика за филмовите на Фелини. Негови композиции изведуваа меѓу другите Винтон и Бранфорд Марсалис, Карла Блеј и Деби Хари. Во 1985 го продуцираше албумот „Загубен во ѕвездите: музиката на Курт Вајл“ кој помогна во актуелизирањето на подзаборавените дела на овој композитор (види претходно: 120 години од раѓањето на Курт Вајл), а на него се изредија голем број уметници од Стинг до Чарли Хејден. Следуваа трибјут албуми посветени на Леонард Коен, продуцирање на музиката за филмовите на Алтман, Вендерс, Скорсезе и Гас ван Сант и правење компилации на пиратски балади и поморски песни (каде се најде и „Шенандоа“, соработката помеѓу Том Вејтс и Кит Ричардс, изведби на Пети Смит, Френк Запа, Боно, Иги Поп и други)
Таткото и вујкото на Вилнер го преживеале холокаустот. За жал тој не успеа да го преживее вирусот.