Полскиот фотограф Рафал Милач ја посетил Белорусија во 2011, сакајќи да ја испита историјата на неговото семејство кое потекнувало од овој крај. Земјата која понекогаш ја нарекуваат „последната диктатура во Европа", водена од Лукашенко уште од 1994, во 2012 беше под истрага на ОН заради обвинувања за тортура и лош третман на затвореници и други сериозни нарушувања на човековите права.
Милач не бил упатен во деталите на политичката ситуација, но една работа му го оставила впечаток - посебното внимание кое се посветувало на одржувањето на супер чисти и уредни јавни простори. „На визуелен начин овие места делуваа прекумерно контролирани, тие изгледаа речиси совршено", вели тој.
Набргу ја баталил приказната по којашто дошол, и се посветил на нешто друго - анти-пропаганда која е замаскирана во нешто што на прв поглед изгледа како пропаганда. Неговата книга „Победници" е каталог на освојувачи на први места на државни и локални натпревари поддржани од белоруските власти, меѓу кои и некои кои звучат чудно, како „најдобра млекарка на тој и тој регион" или „Мис железница".
Милач не навлегувал во личните стории на овие луѓе, туку едноставно ги портретирал со речиси научна прецизност, употребувајќи многу силен блиц, и сликајќи ги „субјектите" одблиску, но оставајќи доволно простор околу портретот за да се види излитениот контекст во кој се снимени, а кој е во целосна спротивност со „свечениот" тон кој ваквите портрети би требало да го имаат.
„Победници" е дел од поголем проект на Милач, кој ќе се однесува на пропагандата во сите пост-советски земји. Повеќе за него тука.
(горе: Саша, најдобриот белоруски заварувач)
Анастасија, победничката на избор за убавица на Белоруската младинска организација
Ања, кралица на фитнесот
Олга, најдобрата мајка на големо семејство
Ксенија, најдобар млад лидер во еден од регионите. Добила пенкало со изгравиран потпис на Лукашенко
Елена, најдобра млекарка во регионот на Слутск
Стас и Влад, наградени близнаци
Наталија и Конан, најдобар љубовен пар
Марина, Мис железница во регионот Брест