Арихион бил еден од најдобрите натпреварувачи во тн. „панкратион“, меѓу најбруталните дисциплини на античките Олимписки игри. Таа комбинирала борење и бокс, а биле дозволени речиси сите техники: фрлање, држење, кршење на зглобови и гушење. Арихион веќе двапати победил на Олимпијадата, во 572 и 568 година пред нашата ера, а во 564 година се вратил во Олимпија со намера да ја освои и третата титула.
Во финалната борба противникот успеал да го фати одзади и да му ги обвие нозете околу телото, истовремено стегајќи му го вратот. Арихион почнал да се гуши, но не се предавал. Во еден последен обид да ја сврти борбата, успеал да му го фати стапалото на противникот и да му го измести палецот. Болката била толку силна што другиот борец веднаш се предал.
Но тогаш судиите сфатиле дека се случило нешто страшно: Арихион веќе бил мртов. Гушењето било смртоносно, но противникот сепак се предал и според правилата Арихион бил победникот. Така судиите го прогласиле за олимписки шампион и му ставиле победнички венец на мртвото тело.
Приказната ја запишал грчкиот патописец Павсанија неколку векови подоцна, во своето дело „Опис на Грција“. Според неговото сведоштво, Арихион бил прогласен за победник иако бил мртов. Така настанала една од најнеобичните сцени во историјата на спортот: човекот ја добил најголемата чест на своето време во моментот кога веќе не можел да ја види.
Инаку, античката олимписка победа изгледала многу поинаку од денешната. Немало златни, сребрени и бронзени медали. Победникот добивал венец од гранчиња од светата дива маслинка, но славата што доаѓала со победата била огромна. Успехот му носел чест на самиот спортист, но и на неговиот роден град.
Арихион токму поради тоа не бил заборавен. Кога Павсанија подоцна ја посетил Фигалија, видел статуа на познатиот панкратионист на градскиот плоштад. Неговото име продолжило да живее повеќе од две илјади години, не само затоа што бил трикратен олимписки победник, туку затоа што неговата последна победа е речиси црн хумор на историјата: во борбата успеал да го натера противникот да се предаде, но не успеал самиот да ја дочека сопствената победа.