На Ноќта на вештерките 2023-та, Британската библиотека доживеа голем хакерски напад, што го оневозможи пристапот до нејзините збирки, до веб страницата, па дури го „спржи“ и нејзиниот бежичен интернет. Што е уште поважно, сајбернападот ги избрша личните податоци на корисниците на оваа библиотека, но и на вработените. Слики од украдените податоци беа понудени на аукција на тн. дарк веб, за секој што сака да плати 20 биткоини или околу 600.000 британски фунти. Со тоа што ја претвори дигиталната инфраструктура на библиотеката во производ за широка потрошувачка (секако, преку нелегална трговија со истиот), хакерската „банда“ наречена Ризида се надеваше дека ќе ја натера да си го плати откупот. Засега тоа не е сторено, но проблемот не е решен.
Што точно украле овие хакери кога го украле целокупниот дигитален отпечаток на библиотеката? Физичките збирки се сè уште таму, што значи дека барем што се однесува до книгите, штета нема. Исто така никој не ги допрел работните маси, столиците, рафтовите. Па сепак ништо не е како претходно - читатели речиси и да нема а тишината може со нож да се сече. Она што го украле хакерите не се предмети, туку пристап до знаењето. Библиотеката формално е отворена, но читателите не можат да стигнат до ниту една книга бидејќи одамна ги нема картончињата (тн. фиши) со сигнатури, односно бројчињата на книгите, туку сите процеси (пребарување, изнајмување, враќање) се врзани со дигиталниот систем.
Каква иронија - најаналогниот облик на истражување што може да се замисли, користењето на физички книги во физичка библиотека, е оневозможен поради хакирање на ДИГИТАЛЕН систем. Ова е корисен и понизен потсетник за ранливоста на институциите кои нè поврзуваат и би требало да нè заштитуваат, и значењето на работата кои тие ја овозможуваат.