„Длабоко му се извинувам на Ентони Бродвотер и жалам за сè што поминал“, напиша Алис Себолд во соопштение, откако по 16 години поминати во затвор за нејзиното наводно силување од 1981, излезе дека тој е погрешно осуден. Истовремено со соопштението издавачот Скрибнер изјави дека дистрибуцијата на сите формати од мемоарот „Онаа што имаше среќа“ (Lucky), кој излезе во 1999 и ја содржи оваа епизода, ќе бидат повлечени. Откако ќе бидат извршени неопходни промени во светлината на новите сознанија, мемоарот можеби повторно ќе биде пуштен во продажба.
Броадвотер, Афро-Американец, бил осуден во 1982 откако Себолд во судница го посочила како нејзин напаѓач иако претходно не успеала во тоа при полициската идентификација. Тој е поврзан со кривичното дело и со микроскопска анализа на влакна, нешто што од тогаш е прогласено за недоволно сигурно како доказ од страна на американското Министерство за правда.
Себолд изјавила дека се уште не може да сфати каква улога одиграла во систем кој испратил невин човек на робија, и да излезе на крај со фактот дека никогаш нема да се дознае кој бил точно нејзиниот силувач, кој е можеби се уште на слобода и го врши истото дело.
Во мемоарот таа опишува сцена кога забележала црн маж на улица и била сигурна дека тој е нејзиниот напаѓач. Тој ѝ пристапил како ништо да не се случило, а таа го препознала ликот на човекот кој ја нападнал во тунел. Полицијата не можела да го пронајде откако го пријавила. Некој полицаец сугерирал дека тоа морало да биде Бродвотер, кој наводно бил виден во истата област, по што бил уапсен и осуден.
Нејзиниот мемоар индиректно помогнал во осудата на Бродвотер, а нештата дополнително ќе се заплеткаа доколку Нетфликс сепак го продуцираше планираниот филм според книгата без да ја провери целата работа. Во јуни оваа година, значи пред ослободувањето на наводниот сторител, извршниот продуцент на филмот Тим Мучианте се откажал од понатамошно развивање на проектот бидејќи вториот дел од книгата, поврзан со судењето, „некако не му бил убедлив“. Тој најмил приватен истражувач кој требало да ги погледне доказите против Бродвотер, па откако овој донел заклучок дека станува збор за погрешно осуден човек судењето е обновено. На тој начин филмот практично помогнал во неговото ослободување.