Коресподенцијата на славните писатели веќе не е толку интересен жанр како некогаш. Не само затоа што вообичаено писмата не се пишуваат на рака, туку и затоа што ретко кој има време да го третира писмото како продолжение на своето творештво со други средства. Оваа збирка на Вонегат, на над 400 страници, на писма пишувани во тек на шест децении, е можеби меѓу последните од ваков тип, пишувани не за да бидат издадени како такви (како во случајот со преписката меѓу Уелбек и Леви-Брил за која пишувавме), туку како интегрален дел на секојдневието.
Едно од писмата ни ја разоткрива токму оваа дневна рутина на авторот. Во средината на 60-тите нему му било понудено професорско место на Универзитетот во Ајова. Со оглед на тоа што семејството му останало на Кејп Код, помеѓу него и неговата сопруга имало чести преписки. Во ова тој ѝ раскажува што прави по цел ден. И звучи дека не лаже.
28. септември, 1965
Најдрага Џејн,
Во еден невозбудлив живот како мојот, спиењето и гладта и работата се самоорганизираат така за да си одговараат на самите себеси, без да ме консултираат. Всушност, среќен сум што не ме малтретираат со напорни детали. Она што тие го разработија како распоред е следново: се будам во 5:30, работам до 8:00, појадувам дома, работам до 10:00, пешачам неколку блокови до градот, пазарам, одам до општинскиот базен каде сум сосема сам и пливам едно половина час, се враќам дома во 11:45, ја читам поштата, ручам на пладне.
Попладнето или предавам или подготвувам предавања. Кога пристигнувам дома од факултет, околу 5:30, го успивам мојот темпераментен интелект со неколку чаши виски со вода, си готвам вечера, читам и слушам џез (има многу добра музика на радио тука), и полека задремувам. Постојано правам склекови, се чувствувам како да отромавувам, но можеби и не. Вчера вечер, времето и моето тело одлучија да ме однесат на кино. Го гледав „Шербуршките чадори", и ми падна тешко. За средовечен, веќе спор човек како мене, беше срцекршачко. Тоа е во ред. Сакам срцето да ми биде кршено.