Ејми Краус Розентал, авторка на 28 детски сликовници и два мемоара, во септември 2016 била дијагностицирана со рак на јајници во поодмината фаза. Знаела дека нема уште многу време, и се обидела да го извлече максимумот од она што ѝ преостанало. На 14 февруари 2017, веќе при крај со силите, таа пишува текст посветен на нејзиниот сопруг под наслов „Можеби би сакале да се омажите за маж ми“ и го објавува во колумна во Њујорк Тајмс. Текстот станува вирален, со скоро пет милиони кликови (целиот, за обавезно читање тука)
„Сакам повеќе време со Џејсон“, пишува таа. „Сакам повеќе време со моите три деца. Сакам повеќе време за цевчење мартини во џез клубот Грин Мил во вторник навечер. Но тоа нема да се случи. Веројатно имам уште само неколку денови да бидам човек на оваа планета“, вели таа во текстот.
Наместо чоколади и плишани срценца за Валентајн таа на својот сопруг всушност му подарува оглас, во кој му бара нова партнерка. Во прекрасен, слатко-горчлив стил, таа го рекламира, со сите негови позитивни страни, од начинот на кој се дотерува (имал добра колекција чорапи!), како се грижел за неа и децата (аранжман во форма на смајли во недела наутро составен од банана, шоља и лажица), навидум баналните (лигави?) гестови, кои на крај се она што се памти - кога некој ти купил нешто мало, ти го крие во испружените тупаници, и ти вика „која рака сакаш“?
Десет дена по објавувањето на текстот Ејми умира.
Година дена подоцна Џејсон Розентал, огласениот сопруг, адвокат и сега извршен директор на фондацијата која го носи името на неговата жена, посветена на истражување на ракот на јајници и описменување деца, излегува на ТЕД за да ја раскаже својата страна на приказната. Нејзиното јавно збогување преку спомнатиот текст го направило јавно и неговото тагување, што значи и дополнително го оптеретило. Но токму тоа пак му помогнало да продолжи.
Нам сето ова ни го направи почетокот на денов некако позначаен. И го споделуваме, додека часовите што следат не ја покријат таа свеченост со рутината која го отсутнува духот, и прави да не обрнуваме внимание на важните работи.
„Која рака сакаш?“
Говорот на ТЕД: