Писателката која како миленичиња чувала - полжави

Патриша Хајсмит е најпозната по своите романи преточени во филмови, како „Туѓинци во возот“, „Талентираниот господин Рипли“ и „Керол“, иако нејзината биографија открива многу поинтересна личност отколку „обична“ авторка на бестеселери. Меѓу другото, таа имала и необични домашни миленичиња.

Во 1952 излегува „Керол“, првиот официјално објавен роман во САД во кој главните ликови се лезбејки и кој завршува со релативно среќен крај, во кој ниту една од нив не умира или не се „преобраќа“ во хетеросексуалка, нешто што во тоа време било нечуено. Авторката се потпишала со „Клер Морган“ но нејзиното вистинско име, кое го обелоденила дури во 1990, било Патриша Хајсмит. Денес таа е позната по овој („Керол“ од 2015 со Руни Мара и Кејт Бланшет), како и по уште два романи преточени во екстремно успешни филмови, „Туѓинци во возот“ и „Талентираниот г-дин Рипли“. 

За нејзиниот приватен живот се знаело многу малку вон најтесниот круг пријатели, а најсочните анегдоти почнале да искрснуваат по нејзината смрт. Една од нив вели дека Хајсмит во 1946, кога поминувала крај рибарница, видела два полжава заглавени во љубовна прегратка. Ги зела такви, сврзани, дома, ги ставила во стаклен сад и со часови ги набљудувала. Она што на други им било одбивно, тоа кај неа будело восхит. 

И ова поради некоја причина особено се однесувало на полжавите. Таа си ги третирала како миленичиња и си ги носела со себе, во чанта, а еднаш ги пренела преку француска граница скриени во прслукот! На коктел во Лондон освен спомнатата чанта со себе носела и главица марула, за и нејзините придружници да не останат гладни.

Во своите романи и кратки раскази, таа ги користела полжавите и односот на ликовите кон нив за да опише широк опсег реакции на американската капиталистичка култура во средината на 20 век. Во расказот „Длабока вода“ ликот Вик Ван Ален е ужаснат кога некој некој му вели дека неговите миленичиња - полжави треба да бидат изедени, отфрлајќи ја комодификацијата на суштествата како нешта што треба да бидат конзумирани. Во „Набљудувачот на полжави“, протагонистот Питер Кноперт е самиот изеден од навидум мирољубивите мекотели. Репрезентациите на Хајсмит на животните се дел од традицијата на споредба на човечкиот и нечовечкиот, животински свет, со тоа што ѕверот речиси секогаш е лоциран во првиот. 

Интересно е дека сепак и самата не била „цвеќе за мирисање“ - ја опишуваат како шокантно расистична, со чести антисемитски испади; сметала дека геј луѓето се во суштина нелојални и промискуитетни; имала гадна навика да ги убива верзиите на своите некогашни љубовници во расказите и романите; верувала дека жени додека имаат добиено не смеат да влегуваат во библиотеки. Па сепак, мора да ѝ се признае необичната приврзаност барем кон лигавите суштества во куќички. 

20 септември 2022 - 09:05