Пингвинкубатор: автоматот за книги од 1937

Сер Алан Лејн е човекот кој сакал да ги приближи книгите во мек повез до читателите, и сметал дека една јавна машина од која ќе можат да бидат купени е вистинскиот начин да се стори тоа. 90 години подоцна, можеби е време да се појават и кај нас?

Сер Ален Лејн (1902-1970) бил британски издавач, кој заедно со своите браќа Ричард и Џон Лејн ја основале Пингвин Букс во 1935. Фокусот на висококвалитетна проза во мек повез направил револуција во издаваштвото, овозможувајќи големи тиражи и читаност. 

Секако, книги во мек повез и за малку пари имало и претходно, но тие често биле направени неквалитетно, и во техничка и во содржинска смисла. Лејн го променил ова и ги легитимизирал ваквите изданија, кои имале иста цена како (некогаш) кутија цигари. 

Во еден момент, кога Лејн сакал да ја посети Агата Кристи, се нашол на платформа на железничката станица Ексетер. Сакал да купи нешто за читање од киоскот, но таму имало само популарни списанија и реизданија на викторијански романи. „Згрозен“ од изборот, одлучил дека висококвалитетна современа проза треба да биде достапна и на вакви места по привлечни цени, но и да се продава на нетрадиционален начин. 

Така е измислен „Пингвинкубатор“ - автомат за којшто Лејн веројатно добил идеја од германскиот издавач Реклам, кој ги вовел уште во 1910. Првиот бил лоциран пред книжарница под името „Бомб шоп“, поради фактот што таа продавала радикална литература, на Черинг крос бр. 66. 

За жал, идејата не била баш успешна, бидејќи автоматот требало да се вади и става секој ден пред продавницата, а тој често и се расипувал, за што сведочеле поплаките кои муштериите ги провлекувале под вратата на книжарницата. 

Во 2023, во спомен на овој прв автомат, на станицата Ексетер е инсталиран сличен таков, но помодерен, кој станал хит, благодарејќи на вирални постови и внимание од медиумите. 

13 мај 2025 - 08:24