Следењето на не-англиски медиуми понекогаш дава увид во информации кои или со големо задоцнување ќе допатуваат до оние на „лингва франка" (тука емотикон за иронија), или пак воопшто нема да го сторат тоа. Да не беше оваа немаше ни да знаеме дека Уелбек во 2013 објавил збирка поезија, под наслов „Конфигурација на последниот брег"(Configuration du dernier rivage).
Со само 96 страници, таа е поделена на пет дела, и претставува прва поетска книга на Уелбек по повеќе од една деценија. Во 2000 во една книга беа собрани неговите претходни збирки, „Потера по среќата" (1992), „Чувство на борба" (1996) и „Ренесанса" (1999).
Исто како и неговата проза, и стиховите му се полни со полетен оптимизам:
Нема љубов (не навистина, не доволно)
Живееме без олеснување
Умираме напуштени
Обраќањето кон милосрдието
одекнува во празнината
Нашите тела се осакатени
но нашата плот е гладна
Пропаднаа ветувањата
на тинејџерското тело
Влегуваме во староста
Каде ништо не нè чека
Освен суетните спомени
на нашите изминати денови
ударот на омразата
и соголениот очај.
Еден од ретките осврти кон книгата на англиски под наслов „Поетика на очајот" тврди дека голем дел од морбидноста на песните произлегуваат од доживувањето на Уелбек на современа Европа и истите ги нарекуваат политички. Сепак, некои од нив се занимаваат со многу поприземни теми:
Мажите само сакаат да им ги пушат
колку што е можно повеќе часови во денот,
од колку што е можно повеќе убави девојки
вон ова тие се интересираат само за технички проблеми.
Дали е ова доволно јасно?
Чисто за да замислите како би звучело ова со музика, еден постар хит од споменатата група. Ама па вака стварно би било весело. И јасно.
Патем, но не помалку важно, Уелбек ќе биде присутен на овогодишното издание книжевниот фестивал Фабула - книжевности на светот во Љубљана. Настапот му е предвиден за 6.3. Ако не се загуби некаде по пат.