Уелбек е познат не само по неговите романи, туку и по терсене табиетот, одбегнувањето да користи мобилен или електронска пошта, и мистериозноста кога се во прашање детали од неговиот приватен живот. Еден од таквите детали е и неговото исчезнување во 2011, во тек на една недела, кога била планирана турнеја низ Белгија и Холандија за неговата книга „Мапата и територијата".
Причините за неговото непојавување на овие настани никогаш не се објаснети, што само поттикнало различни приказни и претпоставки, кои на социјалните мрежи добија статус на урбани легенди. Една од нив - дека Уелбек бил грабнат од Ал Каеда. Што ако сте ги читале неговите книги, и го знаете неговиот став за арапскиот свет, и не е толку неверојатно како што звучи.
Сега една француска продукциска компанија најави дека е при крај на снимање на игран филм, „Киднапирањето на Мишел Уелбек", со авторот во главната улога. Режисерот Гијом Никло, кој претходно го ангажирал Уелбек во камео улога во друг филм, вели дека ќе ја „опише неделата во која тој исчезнал, сосе вистината, лагите и претпоставките", ветувајќи дека „вистината во голема мерка ја надминува фикцијата".
Повеќе детали од ова засега не се откриваат, па останува да видиме - дали се работи за вонземјани, некаков таен култ, или едноставно човекот цела недела седел дома јадејќи од конзерви и пиејќи енормни количества пива, дур гледал досадни натпревари на ТВ. Ко за Уелбек ни едното ни другото не е за чудење.