ПАНИЧЕН ГРИП А (121 КР)
Сите заболени од долго најавуваниот, а сепак некако ненадејно распламтениот грип отпрво беа примани на Клиниката за инфективни болести, но по неколку дена, нивниот број ги прерасна просторните можности на Клиниката.
Другите одделенија од Болницата набргу попуштија пред притисокот на заразените од грипот, така што болните кои престојуваа таму поради други причини се растурија и исчезнаа во општата грвалица. Пандемијата се ширеше и натаму и, како резултат на неверојатно брзиот подем на бројот на оние што беа опфатени од заразата, оградата на Болницата беше прегазена и целиот главен град стана една голема Клиника за инфективни болести.
Имаше обиди за бегства, но авионските летови беа навреме укинати, а граничните премини затворени. Некои помали гратчиња во внатрешноста, во кои грипот речиси и не се појави, отпрво даваа отпор, но тоа не траеше долго: во нивните здравствени установи пристигнаа колони на заболени од главниот град, ги затрупаа постелите, помошните простории кај што дотогаш се чуваше преслеката, ходниците. Речиси прекуноќ и таму ја снема границата помеѓу болничките чекални и градските улици – сите одеа во истуткани и изветвени пижами без копчиња, со коса залепена на челото во пот, држејќи термометар во устата и пронесувајќи го блескавиот жар на трескавичната состојба во очите.
Но што стана со оние кои, сепак, останаа здрави?
Тие беа затворени во еден логор кој беше чуван од војската и околу кој беа преземени мерки на строга изолација. Беше сфатено, на крајот, дека тие се најопасни. Без нив грипот ќе беше сосема нормална состојба.
ВЕЛИГДЕН И ЈАЈЦА
Велигденскиот Остров во Тихиот Океан се вика така затоа што е откриен во недела, на Велигден, 1771 година; го открил на едно истражувачко патување Холанѓанецот Јакоб Рогевен.
Но, таму веќе постоел култот на човек-птица, Тангата -Ману. Во текот на еден пролетен празник претставници на повеќе кланови пловеле до едно островче на кое се гнезделе птици од родот стерна (Стерна!) - птици-преселници кои во тој период од годината прават гнезда тука. Станува збор за еден вид натпревар: кој прв ќе се изјази до јајце снесено во карпите, се прогласува за света личност - нему му ја бричат главата, му ги кубат веѓите и тој станува човек-птица, еден вид свештен крал кој владее со островот во текот на годината.
Во Македонија, во Тиквешијата, градоболни луѓе веруваат дека ќе оздрават ако испијат живо јајце од кања - мал мршојадец кој прави гнезда по карпи. Кога некој, искачувајќи се по стрмнини, ќе го украде од птичјото легло јајцето од кања, на негово место обично става црвено велигденско јајце, а покрај него волнени конци исплетени во плетенки. Инаку, кањи лете живеат во Македонија, а зимата ја минуваат во Египет.
А како се поврзуваат јајцата со празнувањето на Велигден? Во областа Генезарет, на полпат помеѓу Египет и Дамаск, неуморно ја ширела христијанската вера, по смртта на Исус, Марија Магдалена. Според легендата, неа во Рим ја примил императорот Тибериј, а таа му дала црвено јајце, како доказ дека Исус Христос воскреснал.
Макар што помеѓу овие факти се насетува некаква врска, се чини како уште нешто да недостасува за таа да биде видливо воспоставена и овие навидум оддалечени нешта да се спојат во расказ.
В. Урошевиќ, „Седмата страна на коцката“ (прозна збирка, 2010 г.)