Палм Дог е награда која се доделува за најдобра кучешка улога на големото платно. Церемонијата се одвива на плажата на Гранд Хотел во Кан паралелно со „човечкиот“ филмски фестивал, а популарноста на манифестацијата од почетоците во 2001 до денес постојано расте. Наградата се состои од кучешка огрлица, а годишниот добитник го одредува меѓународно жири составено од филмски критичари, кое проценува дали одредена изведба на куче (живо или анимирано), или група кучиња, заслужува да влезе на престижната листа.
Оваа година наградата ја добија три англиски спрингер шпаниели за нивната улога во „Сувенир“ втор дел, во која глуми нивната реална сопственичка, Тилда Свинтон. Истовремено со ова се одбележа 20-годишнината од доделувањето на наградата, што е 103 во кучешки години.
Режисерката на Сувенир, Џоана Хог, која на доделувањето се појавила преку ајфонот на Свинтон, рекла дека би била среќна повторно да работи со трите кучешки ѕвезди и дека по ова признание нивната кариера може ќе тргне по нагорна линија.
Втората награда ја доби Софи, пит бул кој се појавува во „Црвена ракета“ на Шин Бејкер, а третата Панда, овчарски пес од филмот „Јагне“ на Валдимар Јохансон.
Палм Дог е креација на британскиот новинар Тоби Роуз, инспирирана од неговиот сопствен француски фокс териер Матли, кој умрел во 2007. Претходно, во 2019, наградата ја прими Квентин Тарантино во име на Бренди, кучето кое играше со Бред Пит во „Беше еднаш во Холивуд“.