Додека во позадина на рипит ни се врти албумот, идеален за умерено облачен викенд, тој некако ни доаѓа како логично продолжение на претходниот „Сенки во ноќта", кој исто така се состоеше од меки и спокојни преработки на американски класици. И веројатно не е случајно што и на двата албума сите песни освен една претходно ги има испеано Френк Синатра. Сепак, тие се промовираат не како трибјут на „синоокиот", туку како оддавање чест на авторите зад овие безвременски песни.
Како што обично бива, во пресрет на нов албум на музичар од калибарот на Дилан почнуваат да искрснуваат до сега необјавени детали од неговиот приватен живот. Во случајов се работи за нов мемоар на извесна Брита Ли Шејн, која му била пријателка на Дилан додека тој не ја поканил да му се придружи на турите во средината на осумдесетите, кога започнале и врска. Насловот на книгата е преземен од истоимена песна на Дилан - Seeing the Real You at Last (Конечно гледајќи те каква/каков што си), а еден од деталите се однесува на начинот на кој Дилан им се пуштал на жените, на пример со истурање шампањ врз глава или мачкање торта врз нивните лица. Такво е барем искуството на Шејн, која најпрвин живеела со тур-менаџерот на Дилан, но тој (наводно) бил толку упорен, минирајќи им ја врската и бескрајно флертувајќи, што на крај таа попуштила.
Книгата содржи и анегдоти за односот на Дилан кон холивудските ѕвезди, како кога сфатил дека со друштвото се тргнати на забава кај Брус Вилис („Да знаев каде одиме никогаш немаше да дојдам со вас"), или неговиот однос кон музичките „конкуренти". Кога прочитал негативна критика за неговата тура од 1987, а притоа до статијата имало пофален текст за Мајкл Џексон сликан со некаков мајмун, Боб рекол: „Ќе треба да си купам мајмунче".
Најинтересниот момент е кога Шејн во книгата признава дека морала по раскинувањето со Дилан, кој ја изневерувал со кого ќе стигнел, да оди на групна психотерапија. „Колешка" од групата која претходно не ја познавала изјавила дека е лоша идеја да имаш врска со позната личност, затоа што насекаде има нешта што те потсетуваат на неа. Шејн рекла дека го има истиот проблем, дека е таму заради Боб Дилан, и ја прашала жената кој бил нејзиниот познат тип. Скаменетото лице кажало сè - двете биле таму заради истиот човек.