Откриен таен код кој се криел во класичната музика цели два века?

Виолинист верува дека открил претходно непознат систем на динамичка интерпретација во Бетовеновите оригинални ракописи. Oва со други зборови значи дека славниот композитор предвидел многу повеќе варијанти во ознаките од оние стандардните „форте“, „мецофорте“, „пијано“, туку на своите тогашни и идни колеги им понудил широк спектар на емоционални изрази кои до сега не биле забележани во неговите генерално хаотични ракописи. 

Пролетта 1825, Лудвиг Ван Бетовен имал толку големи стомачни болки што мислел дека ќе умре. Откако се опоравил, се навратил на композицијата за жичани инструменти која ја пишувал пред болеста - Квартетот број 15 во А минор, опус 132 - и вклучил нов сегмент, инспириран од фактот што преживеал. До денес, ова дело е познато по бавното развивање и радоста на третиот чин, каде музиката како да следи чекори на некој тешко болен кој вдишува свеж воздух за прв пат после долго време. Бетовен го нарекол овој дел Heiliger Dankgesang, „света песна на благодарноста“.

Пишувал наутро, на дневна светлина, на дебела хартија од која можел да ги изгребе грешките со нож. Неговиот ракопис бил озлогласено хаотичен: не можел да нацрта група паралелни линии, односно барем приближно прецизно петолиние дури и животот да му зависел од тоа. Маестрото го користел моливот не само за да пишува со него, туку и да ги чувствува вибрациите на своето пијано, притискајќи го едниот крај на дрвеното стапче до инструментот, и држејќи го другиот крај помеѓу забите. Во тој момент веќе бил целосно глув, а ќе почине за помалку од две години.

Напред до 2013, Николас Кичен, виолнист од Бостон и ко-основач на квартетот Боромео, одлучил со своите колеги да го работи спомнатиот жичан квартет. Челистот на групата забележал ознака за динамика ffmo. ФФ било јасно - фортисимо или многу гласно, но „мо“?

Кога Кичен го видел знакот, како некој да му ги отворил картите. Се опседнал со тоа и во следните неколку години тврдел дека открил таен код во ракописот на Бетовен. И тоа не само еден - копајќи по оставштината, Кичен продолжил да пронаоѓа нестандардни ознаки, преку кои инструменталистите требало да добијат информации за експресивниот интензитет, нивоата на динамика и за други детали.

На крај идентификувал 23 степени на динамика, од fff - громогласно до ppp - шепотење; четири типа стакато; два типа динамички крешенда (постепено засилување на звукот) и други ознаки кои укажуваат на различни начини на групирање на нотите. На пример, во некои дела постојат poco forte - помалку силно од f, потоа f - силно, па fo - силно и позначајно и поодредено од f, for- силно и позначајно и понагласено од f  и fo, па forte - силно и понагласено од сите претходни. Или, р - тивко, р/ - нешто со емоционален интензитет, р//- тивко со вибрантен емоционален интензитет, рр - многу нежно, рр/ и рр// итн. 

Ова за него претставувал елабориран таен јазик кој пренесува нови нивоа на изразување, и оттаму на емоции, а кои биле закопани во музиката на Бетовен цели два века. 

Kога Кичен ги додал овие ознаки на стандардните нотации за квартетот на Бетовен, со црвено мастило, ова ги збунило изведувачите. Затоа, почнал со бели листови, создавајќи нотации кои ги вклучувале ознаките. Ова имало драматичен ефект врз толкувањето и врз изведбата, која добила многу побогат звук.

Засега ова не ги доведува во прашање постоечките нотации, бидејќи Кичен е далеку од тоа да може да ги ревидира сите дела на Бетовен. Засега на овој начин ја има обработено Седмата симфонија и се надева дека ова, ако ништо друго, ќе овозможи проширување на досегашното стандардно означување на динамиката, кое во споредба со ова на Бетовен е прилично сиромашно. 

извор

15 април 2024 - 16:43