Инсталација

Осаменоста на нашите дигитални гласови

Рејчел Нол (Rachel Knoll) е родена во САД, а во моментов живее Лондон каде студира на Кралскиот колеџ за уметност. Нејзините интерактивни инсталации и видеа се занимаваат со осаменоста во дигиталното доба. Знаете на што мислиме, нели?

„Ако дрво падне во шума а наоколу нема никој да го чуе, дали тоа создава звук?" е филозофски мисловен експеримент кој поттикнува прашања околу „објективната" реалност и природата на знаењето. Една инсталација само го заменува дрвото со електронските комуникации, а шумата со современата виртуелна „шума". Ако во неа нема никој за да го чуе вашиот глас, дали навистина постоите?

Во нејзиниот краток филм „Слушај и повтори" преку мегафон се емитуваат твитови кои го содржат изразот „никој не слуша": „Сите зборуваат но никој не слуша", „Твитер прави да се чувствувам како дома. И таму никој не ме слуша". Единствена кои можат да ги слушнат овие твитови во случајов се - дрвјата и шумските животинки.

За да го направи ова видео Рејчел користела Розбери Пи (микропроцесор), програмиран со код кој од Твитер ги вади само речениците кои го содржат спомнатиот израз. Мегафонот бил инсталиран на планина во државата Вашингтон.

Ова не е единствениот проект на Нол на оваа тема. Во „Разговор со еден" таа исто така се занимава со недостаток на внимание и капацитет за слушање на другиот. Преку специјално направен „инструмент" човек си зборува самиот на себе и си ги слуша сопствените зборови како да се туѓи, преку цевките тие му се враќаат со зголемен интензитет. Така гласно изговорени мислите добиваат поголема тежина, а и човек се чувствува помалку сам.

Во интерактивната видео игра „Тренинг на одбегнување" се истражува тензичното искуство на споделување мал простор во лифт со други луѓе. Целта е да се избегне контакт со очи со ликовите во играта во тек на едно возење. Играта користи технологија за следење на движењето на очите, па оној кој ќе ја совлада всушност го претвора одбегнувањето од страв во вештина.

18 декември 2013 - 08:56