Оскар Вајлд, во текот на неговото патување низ САД, имал тројца асистенти: еден да ги собира цвеќињата, друг да потпишува автограми и трет да донира парчиња коса. Ова со потпишувањето го смислил откако добил симптоми слични на синдром на „карпалов тунел“, грч во рачниот зглоб од огромниот број барања за потписи. А асистентот за локни за жал оќелавел на рана возраст.
Колекционерството на рачно пишувани белешки во САД има подолга историја. Но токму тогаш, при крајот на 19 век, тоа станало патолошка опсесија, и комерцијално вносен бизнис.
Тоа е време на подемот на „трансатлантските“ славни личности, формализацијата на потпишаните чекови како монетарен инструмент, и појавата на пазар за препродавање потписи. Тоа е истовремено период во кој ракописното пишување добило нова ара со оглед на популарноста на графологијата: псевдонаучните обиди да се поврзат личниот карактер со ракописот. По атентатот на претседателот Џејмс А. Гарфилд од 1881, имало големи дискусии околу ракописот на неговиот атентатор, Чарлс Гито. „Анализата на автографот покажува докази на нервозно С“, напишал криминологот Чезаре Ломбросо во неговата влијателна книга „Криминалецот“. Во неа тврдел дека графологијата може да ја разоткрие вината на обвинетиот, но и да укаже на можни идни кривични дела.
Во 1893 се појавил првиот телеавтограф - „роднина“ на телеграфот, опишан како „пенкало од 1000 милји“, кое овозможува човекот да не е физички присутен а сепак да може да се потпише речиси во реално време.
Најопсесивните ловци на автограми и автографи ги опишувале своите авантури - како воопшто стигнувале до славните личности и извлекувале од нив каков и да е рачно пишуван текст. Извесен Џон Хорн издал книга „Диверзиите на еден ловец на автографи“ во која признал дека една од техниките е да се пише на личноста и да и се постави некое опскурно прашање, на кое таа би била мотивирана да одговори, секако пишувајќи рачно.
Но автограми и автографи се собирале и во рамките на семејството и најблиските пријатели. Популарни станале чаршафи на кои се потпишувале гостите кои станале „тренди“ и во САД но и во далечната Виена. Имало и потпишани прстени, шапки, па дури и ладала.
Набргу се појавиле машините за пишување, потоа компјутерите. Вредноста на потписот и рачно пишуваниот текст со тоа само се зголемува. Сепак денешната популарност на автограмите не е ни од далеку толку голема како што била во тие години на доцниот 19 век.
извор