„Куцкамен", чиј наслов е позајмен од славниот роман на Кортасар кој е пример за нелинеарно читање текст, е опера која истовремено е и огромен логистички проект. Публиката се движи низ градот по три рути кои се означени со црвено, жолто и зелено. Секоја од нив трае 90 минути, а се случува три пати во текот на денот. Гледачите циркулираат (пешки или со организиран превоз) според прецизно разработена шема на режисерот Јувал Шерон, основач на компанијата Индустрија, чија цел е презентација на експериментална опера на неконвенционални локации. Тој, заедно со извршната директорка, го пробувале концептот со макета направена од реквизити и колички купени од пазар, и на почетокот се соочувале со милион организациски проблеми.
И не е ни чудно, со оглед на сложеноста на планот. Според него секоја рута е поделена на осум групи по четворица, половина од нив се движат во правец на часовникот, а другата половина во спротивен правец. Изведувачите ги повторуваат сцените додека групите ротираат, лимузините одат и се враќаат, оставајќи едни патници и земајќи нови. Пoвеќето гледачи одат само по една рута, но теоретски би можеле да ги видите и сите ако баш сте решиле да го сторите тоа.
Секоја рута има своја приказна, но сите заедно прават една целина. Тоа е модерна сторија инспирирана од митот за Орфеј и Евридика, само што тука родовите се заменети. Луча, која се занимава со кукларство, се мажи за Џејсон, кој се губи во езотерично истражување и исчезнува. Луча халуцинира дека го среќава во подземјето. Но за разлика од Орфеј, таа ја надминува тагата и ја наоѓа својата среќа со Орландо, колега-куклар.
Дејството се одвива на значајни локации за ЛА, како Градското собрание, гробиштата Евергрин, како и зградата Бредбери, значаен архитектонски објект во центарот на ЛА, изграден во 1893. Но има и сцени кои се одвиваат на поинтимни локации, на пример во лимузини кои ве пренесуваат од една до друга точка, во кои може да слушате тивка музика изведена во живо, но и да присуствувате на сцена-караница помеѓу сопатник (актер кој глуми агент за недвижнини) и возач на мотор (исто така актер, чиј глас се се пренесува со бежичен микрофон на звучниците во автомобилот).
„Некои луѓе ме прашуваат зошто ова сепак го нарекуваме опера? Тие велат, зошто не го баталите зборот, тој ви е најголемиот товар? Но треба да се сфати дека она што го правиме е продолжување на старата традиција на спојување на зборот, сликата и музиката. Можеби сме далеку од Верди и Моцарт, но секако сме поврзани со авангардната традиција на Кејџ и Штокхаузен. И да, има и ронка од Вагнер. Идејата е наместо да креираш нова опера која е замислена околу некаква маса со луѓе од маркетинг, ајде да направиме голема, храбра изведба, која граничи со невозможното. На пробите цитирав слоган поврзан со Банкси-Не е уметност ако нема потенцијал да биде катастрофа", вели авторот.
Детален опис на проектот во текст во Њујоркер