5 наутро - Веројатно вреди да се направи еднаш или два пати во животот, чисто да се види како е. Можеби сте биле поканети да го поминете денот ловејќи на мраз со многу мудар стар човек или сакате да видите како изгледа изгрејсонце од врв на вулкан. Фино, брилијантно итн. Ѓаволски ќе боли, но можете да ја поминете целата недела опоравувајќи се, и на крај раната нема да боли повеќе отколку онаа од куршум.
5:30 наутро - Да не сте некаков доктор? Имате можеби многу мали деца? Неколку од нив и тоа ептен ситни? Спијат три одеднаш во ореова лушпа и се капат во роса од лале? Се мачите да ги најдете наутро па мора да се будите многу рано и да минувате низ сенките на вашата скромна колиба додека не ги соберете на безбедно, во нивната оградичка направена од стари лушпи од портокал? Вашиот живот е тежок и необичен; но секој од нас има некаква мисија, и ви посакувам среќа со вашата. Вие сте единствениот доктор во градот? Нема некој кој може да го сподели товарот на лечење на сите семејства во радиус од десетици километри, па мора да се будите пред кондуктерите на возови? Жал ми е за вас - горд сум, но исто така ми е жал.
6 наутро - Бидете внимателни - „Оној кој станува рано е мудар на сабајле, а глуп попладне“. Можеби чувствувате дека доблесноста на почетокот на денот ќе си ја наплати цената подоцна? Боже, кое време ќе ручате?
6:30 наутро - Точно знам што мислите за мене. Го критикувате мојот паразитизам, моите фаќања кривини, ме мразите, ако воопшто сте се помачиле да формирате трајно мислење за мене - дека никогаш нема да излезам од Казабланка. Епа се лажете. Излегувам. После оваа ноќ ставам крај. Што ќе кажете на ова?
7 наутро - Погледнете се! Колку е пријатно да се гледа во вас! Каков ќар имам од тоа? Си ги чувствувам очите како ми омекнуваат, стануваат како кадифе, а ушите ми се дебели и среќни. Колку сакам да ве гледам, како растете како сјаен зеленчук, високо во Божјата зелена градина. Вие сте ефикасен карактер. Кога сте присутни, нештата се случуваат баш како што треба, токму тогаш кога треба.
7:30 наутро - Знаете кога треба да си легнете, но исто така знаете што значи да имате чувства - не знам што е тоа точно, но некако ми доаѓа да заплачам кога ве гледам. Не мора да зборуваме за тоа, но ако сакате да кажете нешто можеме да направиме муабет, за што и да е во светот.
8 наутро - Добро, добро, добро. Здраво, добро утро, како ви помина викендот, фино што ве гледам, сè е во ред тука, сите хартии се со печат, да да дрн дрн, секако, вратите се отворени, се гледаме наскоро, сè ќе се случи наскоро, секако, поздрав дома.
8:30 наутро - Вие сте човек што сака задоволство, но знаете кога да се сопрете и да се фатите за работа. Имате една едноставна темно зелена наметка со бело крзно на рабовите, која виси лефтерно на вас така за градите да се откриени; на главата немате ништо друго освен свет венец; вашето лице е генијално, очите ви светат, раката ви е отворена, гласот ви е весел, однесувањето неинхибирано - никогаш не сум ве видел ваков! Би сакал да ви ја стиснам раката и да ви испржам јајце!
9 наутро - Да не сте пропуштиле нешто? Не, сè изгледа како што треба да биде, на своето вистинско место, но - дали имате нешто пропуштено? Дали сте сигурни дека немате заборавено нешто или ... или нешто?
9:30 наутро - Часовникот не се вклучува, чкорчето не се пали; мажот не изгледа како некој со кого треба да се живее, а жената е греота да ја погледнеш. Веројатно сте биле убиени минатата ноќ или волшебник ви пуштил некакво живото против вас? Повеќе среќа следен пат, можеби.
10 наутро - О, жал ми е - многу ми е жал - но сите си имаат заминато, до последен, жал ми е но ги пропуштивте. Извинете, ама ги пропуштивте сите.