In memoriam: Александар Ќириќ

Олеснување

На 18. мај по кратко боледување почина еден од основачите на белградско „Време". Од самиот почеток тој во него ја уредуваше редовната рубрика „Време на уживање", во која понекогаш објавуваше и свои текстови. Еве еден од нив, во кој тој, освен што се покажува како ерудит за прашањата на древниот Рим, зборува за едно од врвните човечки уживања - да се „олесниш" кога ти е најмногу потребно.

Долго сте патувале. Пред вас, на седум ридови, е оној град во кои водат сите патишта, Roma Aeterna, Вечниот град. Рим, накратко. Време? Да кажеме рано попладне, ведар пролетен ден пред околу 2000 години. Влегувате во градската врева и дури тогаш забележувате дека бешиката ви е полна. А до пред половина час сте можеле да ја испразните некаде на околните полиња.

Што сега?

Треба да се обрне внимание на раскрсниците, тука обично има големи керамички садови. За беља, проблемот станува сè поголем, а најблиската раскрсница се уште не е на повидок. Во последен миг, неочекуван спас: ви приоѓа човек кој очигледно добро го проценил видот на вашиот (тековен) проблем и кој, за само една бедна паричка, ве води зад првиот агол. А таму - оној, сега веќе сосема неодложен - писоар. И олеснувањето за кое пред малку ќе платевте многу повеќе отколку што бара овој благороден водич.

Пола саат подоцна и многу поблиску до Форумот, вашата правлива патничка облека и наметката се веќе добро препотени, а вечерва треба да се стигне на состанок со многу богат роднина или угледен чиновник кого треба да го замолите за помош додека не се снајдете во Рим. Тука, како нарачано, има јавно купатило...Но, пред тоа не е лошо и да се испразнат цревата. Нема проблем, вели вратарот, клозетот е малку на десно, во убаво уредената градина на купатилото. Нема гужва, само десетина луѓе кои замислено седат на камена клупа долж три од четирите ѕидови, а слободни места има за уште стотина. Под плочата жубори водата: тој жубор смирува и опушта, како и работата која ја обавувате. Службеникот е искусен: што ја забележува вашата недоумица додека пристапувате кон купатилото, ви додава хигиенски прибор во форма на стапче на чиј крај има прицврстен, добро обликувано парче сунѓер. Нема сомневање, се наоѓате во град кој оправдано го носи името престолнина на светот.

А купатилото: изгледот и опремата само го засилуваат чувството дека сте во центарот на цивилизацијата. Спарно, жешко, млако и топло, простор за добро да се исушите, вежбална за пред или читална за после капењето...

И библиотека, а во неа најновите дневни весници. Acta diurna или Acta publica, Acta urbana, Acta rerum urbanorum, Acta populi или само Acta. Ние би рекле Дневни вести, Јавни вести, Градски вести, Градски новости, Народни вести или само Вести. Во нив има колку бебиња се родиле а колку луѓе умреле, за количеството пари кое од провинциите пристигнало во Рим и за ситуацијата со снабдувањето со жито, одлуки на власта, тестаменти на угледни граѓани, вести за апсења, извештаи од судења, извршување на судски казни и избори на државни функционери. Вести од Сенатот, сите одлуки за почести на царот и дворски вести - вклучително такви за раѓање, смрт, вечавања, слави и други случки во семејството на владетелот. Следат извештаи за војни, чудни или интересни настани, како многу паметни деца и други чудесии, нови градителски потфати, рушења, погреби, верски свечености...Сè до спортски табели и љубовни и авантуристички приказни на познати и непознати луѓе.

Во меѓувреме онаа правлива и испотена облека по некое чудо е обновена. Сепак, од патничката чанта ја вадите онаа посебната, специјално за средбата која ви претстои и која можеби ќе ви го смени животот, толку многу што сите овие благодети ќе ги имате во сопствената куќа, како што и прилега на еден успешен граѓанин на Рим.

Мигот на одлучувачката средба се ближи. По малку нервозно чекорите по средината на улицата на патот за Форумот. Вниманието ви е насочено на блиската средба...И, плес! Нешто мокро се слева низ наборите на вашата свечена тога, по раката лизга нешто не сосема течно, има нешто и на главата...Мирисот - смрдеата - открива дека сте жртва на некој станар од вториот или некој повисок спрат на станбена зграда крај која тукушто минавте. На вашиот очај, срам и бес не им помага ни градскиот полицаец кој случајно се затекнува тука. Не сте виделе од кој прозорец е фрлена содржината на ноќниот сад, така што неговиот сопственик нема да плати казна. Но, во близина има пералница, каде оваа може да се испере и повторно да се намириса, и да се изнајми чиста тога.

За среќа. А во пералницата - оној љубезен човек кој ви помогна првиот пат да се олесните! И додека ви помага да се исперете и да се преслечете во чиста - има и вода и една пристојна тога, а вашата утре ќе биде како нова - ви објаснува дека мочката од писоарите во Рим се собира токму за перење и белење на платното, а вишокот оди за работилниците за преработка на кожа, за штавење и омекнување.

Отсутно слушајќи го, си велите на себеси дека судбинскиот состанок уште нема пропаднато затоа што тукушто паѓа ноќта.

Но научивте - во Рим дење, а особено ноќе - не се оди среде улица.

И уште нешто: зошто се чита во клозет.

Извор: Време

Бонус: сцената од „Смешна страна на историјата“ во која Мел Брукс е „пис бој“, дечкото што ја носи кофата во која мочаат француските благородници

20 мај 2014 - 09:28