„Кацу“, „донбури“ и „онигири“ се помеѓу 23-те нови јапонски зборови кои се додадени во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, при најновото освежување на содржините на истиот.
Повеќе од половината од нив се однесуваат на храна или готвење. Додадени се сантоку, нож со кратко, дебело сечило кое закривува на врвот и окономијаки, вид солена палачинка. Окономијаки се состои од окономи - „она што го сакаш“ и јаки што значи „пржи“.
Кацу е парче месо, морска храна или зеленчук, поховано со брашно јајце и трошки, кое откако ќе се испржи се сече на тенки ленти. Терминот е посебно интересен затоа што пре-позајмен: кацу е кратка форма од кацурецу, што е заемка во јапонскиот на англиското „катлет“ (во јапонскиот нема л).
Донбури, јапонско јадење кое се состои од ориз со сос од различни состојки, истовремено се користи за опис на садот во кој се сервира ова јадење. Името му доаѓа од прилогот донбури - „со плесок“, што е асоцијација на звукот на состојките кои се истураат во садот.
Омотенаши е збор кој означува гостопримство карактеризирано со внимателност кон деталите и предвидување на потребите на гостинот.
Со векови уметниците од целиот свет се инспирирани од јапонската уметност и оттаму потекнуваат и зборовите кои англискиот ги има позајмено од јапонскиот во оваа област. Таков е кинцуги - јапонската вештина на поправање оштетена керамика со пополнување на пукнатините со лак кој содржи златна, сребрена или платинеста прашина, со што наместо да се скријат, овие „недостатоци“ тие се нагласуваат. Исекаи е јапонски жанр на фантазија кој вклучува лик кој е транспортиран или реинкарниран во различен, необичен свет. Неодамнешен пример за овој жанр е Оскаровецот „Момчето и чапјата“ во кој 12-годишниот Махито открива напуштена кула која е влез во фантастичен свет.