Музејот Прадо во Мадрид одлучи да го сврти грбот на своите посетители. Тие на новата изложба нема да бидат дочекани од сјајот на едно од најпознатите дела кое го поседува музејот, „Лас Менинас“ (Дворски дами) на Веласкес, туку од празната копија во реална димензија на нејзината задна страна.
Идејата за новата постапка, под наслов „Реверсос“ (Од другата страна, одзади), е гледачот да се внесе под површината на уметничката слика и да се охрабри да се фокусира на нејзината физичка форма, на заднина и рамката како предмети кои затскриваат, но кои истовремено можат и да откријат - тајни, приказни и значења.
Според директорот на Прадо, Мигел Фаломир, генезата на изложбата е поврзана токму со „Лас Менинас“ во која Веласкес гледа кон посетителите од задната страна (длабочината) на огромното платно на коешто работи.
„Изложбата нè потсетува на нешто што мислам дека и тој би сакал да го знаеме, дека уметноста, а особено сликарството, не се однесува исклучиво на самата слика“, вели директорот. „Уметничките дела се тродимензионални, а кога се фокусираме само на сликата, која е репродукција на одреден момент замрзнат во времето, тогаш добиваме некои информации, но пропуштаме многу кога станува збор за сето она што делото значи како објект. Кога ќе ја земеме предвид и рамката и заднината, тоа е како да стоиме пред археолошко откритие во кое секоја наслага има своја приказна“.
Изложбата се состои од 105 дела од Прадо и 29 од меѓународни музеи и колекции, инсталирани во две простории кои се обоени во црно за да се создаде „пештерска“ атмосфера на мистерија и откритија. Тие навистина и го нудат тоа, со оглед на фактот што заднината на сликите до сега им беше достапна исклучиво на конзерватори и авторизирани истражувачи. Сега таму можат да се видат необични сцени, како оваа на задната страна од „Калуѓерката што коленичи“ на Мартин ван Мејтен, шведско-австриски сликар од 18 век. Доколку би била изложена како таква и тогаш, а за некого богами и сега, таа би предизвикала скандал. Нејзината предна страна ја прикажува калуѓерката во повообичаена поза.
Изложбата во Прадо ќе биде отворена до 3 март 2024.