Во списанието „Сајнс“ од 2004 објавени се резултати од истражување кое се однесувало на чувството на доверба на учесниците, но и на нивната желба за одмазда. Нивните мозоци биле скенирани со ПЕТ-скен додека играле економска игра во која двајца играчи, А и Б, играле еден против друг.
Правилата биле следни: секој од нив ја почнувал играта со 10 парични единици. Прв игра А и носи одлука - дали ќе ги префрли 10-те парички на Б, или ќе си ги задржи за себе. Доколку се одлучи за првото, експериментаторот ги учетворостручува парите на Б, па тој завршува со 50 парички. Сега Б може да врати половина од своите пари (25) на А или да не му даде ништо.
Ако Б имал доволно доверба во реципроцитетното однесување на А, и го сторел тоа, тогаш двете страни завршувале со 25 парички - голем профит во однос на 10-те со кои почнале. Но ако Б не одел по оваа логика и не врател пари, Б на крај имал 50, а А ништо. Ако пак А првично немал доверба во Б и не ги пренел парите уште на почетокот, тогаш двете страни би останале со 10 парички.
Експериментаторите се интересирале за начинот на размислување на А тогаш кога Б ги задржувал сите пари, како и неговата желба да го казни Б поради истото. Токму скенирањето на одредени региони од мозокот на А, додека тој барал начин да се одмазди, бил и главниот фокус на истражувањето.
Кога довербата била нарушена, учесниците велеле дека посакуваат одмазда, а тоа се рефлектирало врз зголемена активност во регионите кои реагираат при задоволство од некаков вид награда. Со други зборови, одмаздата прави да се чувствуваме пријатно.
Сепак, ова е ситуација во моментот кога замислуваме како би било да се одмаздиме. Ако и кога тоа ќе го сториме, следува антиклимакс, односно намалување на расположението, и тоа веднаш по чинот на одмазда. Ова се наоди на студија под наслов „Парадоксалните последици на одмаздата“ од 2008. Таа, како и слични студии кои следеле, покажале дека учесниците во експериментите кои извршиле одмазда доживуваат мешавина од емоции. Оттаму, таа не е секогаш слатка, туку повеќе „горчливо-слатка“. Фантазирањето за неа е едно, но конкретното извршување поттикнува и позитивни и негативни емоции.
Долгорочниот ефект зависи од голем број фактори, вклучително и од можната промена на чувствата за оригиналниот чин и тоа дали сега може да сочувствуваме со извршителот и да ја разбереме неговата гледна точка. Веројатно модерната невронаука се уште не успеала да ја разоткрие целата комплексност на одмаздата во реалниот живот. Чувството на антиципирана награда при планирањето одмазда можеби слабее со текот на времето, па за да се одржи интензитетот на чувството треба да се планираат сè поекстремни форми на одмазда за истите региони мозочни региони повторно да се активираат.
Како и со голем број други нешта во животот, изгледа дека и кога е во прашање одмаздата фантазирањето за истото често е подобро отколку реалното искуство на нејзино спроведување.