Џефри Рајт е добро познат во средното училиште во Лујсвил каде работи како професор по физика. Неговата популарност е сосема разбирлива, со оглед на тоа што на неговите часови експлодираат тикви, се лежи на шилци и се мава со огромни чекани по бетонски плочи.
Меѓу учениците има секакви - некои признаваат дека често спијат на часови. Но кај проф. Рајт никој око не склопува. Неговата љубов кон професијата, која не го напушта и покрај тоа што предава веќе 23 години, е пример кој е тешко, но нужно да се следи. Зак Кони, студент по фотоновинарство и некогашен ученик на Рајт направил краток филм за овој човек, бидејќи веќе му здосадило на сите да се обидува да им го опише со зборови, а тие да не му веруваат.
И не се само откачените експерименти тие кои оставаат впечаток. Професорот на своите ученици им го пренесува и она што е поважно од Њутновите закони - законите на животот. Како татко на дете болно од ретка болест, Џуберт синдром, кои погодуваат делови од мозокот поврзани со рамнотежа и движење, тој секојдневно се соочува со прашања за неговата смисла. Со секоја нова генерација ученици, еднаш во годината, и тоа токму околу Нова година, тој се обидува да ги сподели овие дилеми - не за тоа како настанал космосот, туку што е поентата на сето тоа.
„Сите тие соништа да го видам син ми како ќе постигне погодок во беjзбол, сето тоа исчезна. Почнав да се прашувам зошто сето ова. Но сè се смени еден ден кога го видов како ја следи играта со кукли на сестра му. Тогаш сфатив дека тој има внатрешен живот. Со жена ми почнавме да го учиме на едноставен јазик на знаци. Еден ден тој ни кажа 'Ве сакам'. Има нешто многу поголемо од енергијата. Нешто поголемо од ентропијата. А тоа е љубовта. Таа е одоговорот на прашањето 'чуму'".
Професорот Рајт се надева дека внесувањето на чувства и допирот со вистинскиот живот во наставата во врска со науката, за овие тинејџери би можело да биде инспирација и тие да почнат да се занимаваат посериозно со неа. И можеби еден ден или да му помогнат на Адам, или самите да станат инспиративни професори за некои идни генерации.