Првите кафани закмекале во далечната Мека во 15. век. На муслиманите верата им забранувала алкохол, па во тие кафеани се служело кафе, локум и ледена чешмовача. За тамошната атмосфера записи оставале голем број патеписци, сите агенти на тајните служби.
Еден од таквите ужива додека ги посматра гримасите на гостите кои, задржувајќи го здивот и чудно мрморејќи, сркаат прежешко кафе, и се гади од тоа што излигавените чибуци, од кои се сопнува, шетаат од устите на коњушарите до оние на газдите. Наскоро шеријатските мудреци го прочешлуваат Куранот и доаѓаат до муштулук-откритието дека само виното е на црната листа, па дека е дозволено со сета сила и да се удри по ракиичката. За властите кафаните дури тогаш стануваат вистински легла на развратот, собиралишта на џабелебарошите и битангите. Сепак, тука и најсиромашниот можел за пар акчиња да части цело друштво (во Турција и денес за ситно велат кахве параси), ако почекал келнерот да ги принесе шољичките и да просвири низ нос: „Џабе!". Обичај било во аголот да има бербер, па ако така напиен успее да ги потрефи, да ги насапунува и со брич да минува по главите на гостите.
Во Белград првата меана се појавила веќе во 1521. (во Лондон поразителни 150 години подоцна). И додека си рекој фраклиќ, веќе на секои педесет жители имало по една „сигурна куќа". Ако кафаната се накити со соодветно име, нејзините славини нема да пресушат. Во пралокачко време газдите во залог го давале своето чесно име (Кај Мите Џамбаз, Кај Јове Вачарош), или со гусларска инспирација, име на некој заслужен арамбаша, сечикеса или тепач. Корисно било да се закачи и ориентир за цврцнатиот намерник да го убоде местото: Студено купатило, Големи скали, а ако ќумезот е вон градот и Сибирија! Посебно се чести катаклизмичните кумувања: Кај последниот залак, Кај црната точка, Сега и никогаш повеќе, па и банкарските: Ако имаш дојди, ако немаш пројди. Кога биртијата е карши гробишта тогаш се вика Подобро тука отколку преку патот, а ако е со камените газови потпрен на болница му стои името: Анестезија или Шок соба.
Фолклорот вели дека не е пијаница оној кој многу ќе испие, туку оној кого ќе го изнесат натрескан, па во таа смисла треба да се спомене и педагошкиот слоган: „Динар пиење, два динари мезе". Некогаш пред кафаните стоеле касапски трупци со закоравена крв на заклани млади животни, во пепелава маст од кастрол пливале вкусни „мекики", а во самите гостилници се мезеле црвени ротквици, козјо сирење, маслинки, тврдо варени јајца, внимателно лупени со целомудрени приказни. А потоа сето тоа го прекрил скараџискиот чад.
Кафаните отсекогаш биле осила на боемите, кои нивните најдобри стихови, замисли и заби ги оставале на или под излижаните маси. Бројни младости тука скапале и многу таленти се потрошиле. Боемите „понесени па пуштени" го протуркале нивниот судбински камен до половина, па се свртеле да испијат по некоја, а животните цели притоа се стрмоглавиле. Во крчмите луѓето се картале, организирале трки на болви, нижеле лаги, гледале први кино претстави, лажирале избори, цртале мапи на коњократци, подготвувале кралеубиства. Неговата фанфарски потресна Татковина Ѓура Јакшиќ, на пример, ја напишал на масна хартија, откако од неа гладниот патриотски стомак се израдувал на - бурек. Со боемите често биле и тезгаџијките на наслада и нивните подведувачи, иако кнез Милош наредил без пардон обете сорти да се задават и да се фрлат во Сава. Актерските боеми од кафана излегувале само до блиската заложувалница за таму да ги остават часовниците добиени за јубилеи и табакерите. На оние помалку издржливите законот им наложувал, препелкајќи се во двосмислените женски прегратки, да носат запалени светилки. Претпоставуваме дека кратците, кои ги пресретнувале, не краделе фенери.
Во кафаните протоколот често е построг отколку на британскиот двор. Се знае со која јачина треба да се удри со дланка по масата, да се извади келнерот од крадачките медитации, која келнерка може да се удри во задникот со два, а која, богами, и со три прста, со кој дел од челото да се скрши чаша, кога да се ждригне или да се заџитка билијардска кугла кон душманот. Чашите секогаш се измастени со ДНК траги стари барем девет дена, виното оплеменето со вода по специјални табели на Европската Унија. Строго е одредено на кого може без последици да биде фиксиран поглед подолго од седум секунди. Се знае точниот однос на пломби и златници во циганското забало, и недостатокот на која жица треба да се надомести со фалширање. Лебот треба да биде бајат, шанкерката свежа, никако обратно. Цехот се плаќа за сите на масата, а името на овој обичај доаѓа од моментот кога калфата го залива мајсторското писмо во присуство на прежеднетите колеги. Пијалок не се досипува за гостинот да не помисли дека сакаат што побргу да го напијат или да го испратат дома. Доколку неискусниот потрчко се фати за блокчето, човек треба да се повика на амандманот дека „само на курвите им се плаќа однапред". Фајронтот се обзнанува со ферцерање на светлото, во спомен на пламенот со кој старите газди на огнот ми го предавале импровизираниот нужник од гранки. Од тоа време останал и повикот за фајронт: „Да се удриме со газовите, и да одиме!"
Ситните детали на ѕидот ѝ даваат душа на кафаната: слика на овен предводник, тркало од кочија, препарирани љубимци или претци. Еве, еден другар воочи концертот на Пеперси во потрага по ефтино пиво заседнал во локалното СПО баш под сликата на Дража, и опиен од топлиот поглед на Чича на и онака прекратката свирка - задоцнил. И повторно задоволен, исполнет. Е, сега, се знае и тука да се отиде во крајност. На Тајван кафанџијата ја подобрил продажбата така што сите јадења ги сервирал во форма на ВЦ шољи. Но тоа се веќе екстреми.
Винавер вели дека човекот само во крчма, додека го ослободува духот на мртвиот капитал, не се преправа. А кога улицата, како горостасна биртија, ќе ја убие и оваа забрана, секој ќе престане да се бара себеси, затоа што ќе го има - насекаде. Додека не се случи тоа, да ја симнеме росата и мувлата од срцето, да пееме псалми на кафаните, да ги колнеме и да ги сакаме. Да го чуваме во нив од заборавот она што никогаш не се случило.
автор: Предраг Ж. Вајагиќ