Ова се некои од книгите што се очекуваат по жанрови во 2024-та:
Мемоари
„Нож: медитации по обидот за убиство“ на Салман Ружди е негово навраќање на нападот којшто го доживеа на 12 август 2022, по што остана слеп на едно око. Книгата се очекува на 16 април во издание на Пингвин.
„Скршен“ на Ханиф Курејши (авторот на „Буда од предградието“) исто така претставува споделување на неодамнешно трауматско искуство на авторот. Станува збор за негов пад од крајот на 2022, по што останал парализиран. Изданието се очекува на 31 октомври од издавачот Хамиш Хамилтон.
„Куќа на скриени значења“ од РуПол ќе претставува хроника на првите 40 години од животот на оваа медиумска ѕвезда, пред да стане ко-креатор на шоуто „Драг рејс“. Очекуван датум 5 март, издавач Форт Естејт.
Бритни Спирс исто така најави втор том од нејзиниот мемоар, „Жената во мене“. Така барем напиша на Инстаграм, иако се уште нема официјален датум и издавач.
Се очекува и автобиографијата на Ангела Меркел, првата жена-канцелар на Германија. Насловот не е познат, датумот е отприлика на есен, а издавач е Сент Мартинс Прес.
„Многу приватно училиште“ е трогателен мемоар на братот на принцезата Дијана, Чарлс Спенсер, кој додуша нема врска со сестра му, туку со трауматичното детство - кога го испратиле во интернат на 8-годишна возраст. Датум: 14 март, издавач: Галери Букс.
Романи на „големите“
Од смртта на Габриел Гарсија Маркес имаат поминато речиси 10 години. Со оглед на тоа дека пред смртта страдал од деменција, одлучил неговиот последен роман, „До август“ да не биде издаден по неговата смрт. Но како што пишувавме претходно неговите синови нешто се предомислија, па на 12 март романот сепак ќе излезе. Тој зборува за средовечна жена во потрага по слобода - сензуална приказна која се одвива на Карибите.
„Лонг Ајленд“ на Колм Тојбин е продолжение на неговиот бестселер „Бруклин“. Кога туѓинец од Ирска ќе зачука на вратата на главниот лик на Лонг Ајленд, тоа внесува вознемирување во нејзиниот удобен живот. Датум: 23 мај, издавач: Пикадор.
„Патот до земјата“ е трета книга на Чигози Обиома, млада нигериска авторка која веќе два пати влегува во најтесен избор за Букер. Приказната се одвива во 1960-тите, а се однесува на студентка во Лагос која одлучува да го бара својот исчезнат брат од Нигериската граѓанска војна. Датум: 30 мај, издавач: Хатчинсон Хајнеман.
„14 денови: неавторизиран собир“ е лоцирана во њујоршки стан во текот на раните денови на пандемијата. Секој од ликовите е тајно напишан од различен автор, од Маргарет Атвуд и Џон Гришам до Дејв Егерс. Датум: 6 февруари, издавач: Шато и Виндус.
Стивен Кинг објавува нова збирка раскази „Ти го сакаш тоа помрачно“ на 21 мај, а неговиот колега Џејмс Патерсон на 6 јуни објавува роман базиран на делумно завршениот ракопис на Мајкл Крајтон („Џурасик парк“), кој почина во 2008. Нови романи ќе имаат и Елиф Шафак, Антони Хоровиц и Мат Хејг.
Дебитанти
Барем што се однесува до книжевноста на англиски, делува дека во неа има „млада крв“ која ветува. „Инструменталистот“ на Хариет Констамбл е епска приказна лоцирана во Венеција во 18 век, а базирана на реалниот живот на Ана Марија дела Пиета. Подучувана од Вивалди, таа станала водечка поп ѕвезда на нејзиното време, која денес никој не ја знае. Датум: 20 август, Блумсбери.
„Ќерките на сликарот“ на Емили Хаус е роман инспириран од ќерките на британскиот сликар Томас Гејнзборо. Ракописот добил поддршка од сега почината Хилари Мантел. Датум: 20 февруари, Сајмон и Шустер.
Уште книги кои ќе излезат во 2024-та тука