Од поштенски марки до банкноти и копчиња: што ќе се случи со иконографијата на Елизабета Втора?

Прилагодувањето на иконографијата на Велика Британија по смртта на Елизабета Втора ќе потрае со години. Чарлс Трети, велат, е по екологијата, па замената на сите предмети со ознаките на претходниот монарх веројатно ќе оди бавно за да се одбегнат непотребни трошоци.

Додека Чарлс Трети ја положува својата заклетва како нов монарх во палатата Сент Џејмс, во позадината стои трон на кој со златна нишка се извезени познатите иницијали - „ЕIIR" или Елизабета Втора Регина. 

Истовремено, во пиљара некаде во Британија една жена плаќа за млекото со монети на чиј реверс е профилот на кралицата. Еден патник на аеродромот Хитроу го подготвува својот пасош за контрола, во кој со калиграфски фонт и со помпезен тон во името на Нејзиното Величество се бара заштита на оној којшто го поседува. Во една од големиот број пошти низ земјата службеникот работи под фотографски портрет на кралицата која го набљудува од високо.

Кралицата е мртва, но нејзината слика и нејзините симболи се сè уште тука, во разни и бројни облици. 

Ретко која личност во историјата на човештвото е толку претставувана или симболизирана колку кралицата Елизабета Втора. И ова важи не само во Британија туку и во сите 14 земји од Комонвелтот. Со нејзиното заминување се отвора прашањето за тоа како новиот монарх ќе се постави со своја иконографија и дизајн, илјадници години стари алатки за воспоставување (и одржување) авторитет. 

Секако, за новиот крал ова нема да се случи преку ноќ. Седумдесет години портретот на кралицата се појавувал на најголемиот број поштенски марки во Британија, чии дизајни таа лично ги одобрувала, вклучително и оној на неодамна воведен сет со ликови од Трансформери. Чарлс, пак, со своите познати еколошки ставови, според познавачите нема да дозволи непотребни трошоци и дека официјалните предмети со ликот на мајка му ќе останат во оптек уште некое време, додека не дојде ред за нивна редовна замена. Не станува збор само за марки, туку и за поштенски сандачиња (115.000 низ цела Британија) и за 53.000 возила на поштата на кои го има нејзиниот грб. 

Што се однесува до банкнотите и монетите, оние со портретот на Чарлс Трети ќе бидат постепено воведувани во оптек, со тоа што неговата глава сега ќе биде свртена на лево, согласно традицијата актуелниот монарх да е свртен во обратна насока од претходникот. Промени ќе има и во униформите, со оглед на тоа што на секое копче стојат кралските иницијали, а истото важи и за дел од полициските сили, на пример познатиот шлем кој го користи лондонската полиција. 

Кралицата многу добро ја знаела важноста на визуелното претставување и тврдела дека како монарх морала „да биде видена за да се верува во неа“. За разлика од нејзините елегантни комплетчиња во светли бои, за Чарлс се очекува дека сепак ќе биде по „сива“ појава, освен ако одеднаш не покаже храброст да се појави во раперски тренерки или во здолниште, а да не е шкотско.

извор

7 октомври 2022 - 09:55