Како што се ширела трговијата, се основале првите банки а производството на монети се зголемило, средовековна Европа доживеала голема трансформација - одеднаш парите биле насекаде во секојдневниот живот. Сепак, иако економскиот развој им донел многу на одреден број луѓе, значајни класни разлики продолжиле да постојат, поттикнувајќи нови морални прашања.
Нова изложба во њујоршкиот Музеј и библиотека Морган, под наслов „Средовековни пари, трговци и морал“ ги трасира етичките и теолошките дебати кои искрснале од зголемената улога на парите во средовековна Европа.
„Интересното во врска со парите е дека ги погодува сите во општеството“, вели Дидри Џексон, авторка на изложбата. Таа вели дека „повеќето луѓе, дури и сиромашните“ биле зафатени со новата монетарна економија.
Еден од првите предмети на кои се наидува во поставката се монети со ниска вредност, кои постепено навлегле во секојдневните животи на луѓето во овој период. Претходно ковачниците произведувале мал број примероци со голема вредност. Но на овој начин не можело да се обезбеди раст на сите нивоа на економијата. По 1100-тата година, поголем број монети, вклучително и оние со најниска вредност, почнале да навлегуваат на пазарот. Тие по својот изглед и квалитет драстично се разликуваат од сјајните сребрени и златни пари кои вообичаено ги прикажуваат музејските поставки. На овој начин се преиспитува идејата за „богатство“ и начините на кои дури и малку пари можат да поттикнат морални контроверзи.
Така, изложбата вклучува дело на Хиеронимус Бош од 15 век, „Смртта и бедниот“, кој прикажува човек кој пред умирачка, а треба да одбере помеѓу доброто и злото. Еден ангел на десната страна клони кон спасение, на лево демонско суштество држи торба со пари. Сиромашниот е фатен во момент на неодлучност помеѓу материјална добивка и духовно искупување - рефлексија на пошироките дебати околку опасностите од алчноста и христијанските идеали за сиромаштијата и добродетелта.
Уште еден изложен предмет го покажува длабокиот јаз помеѓу богатите и сиромашните. Тоа е голем метален ковчег кој се користел за складирање пари дома. Со тоа авторите на изложбата сакаат да поттикнат и современи дискусии за парите, за нивното поседување и улогата која ја играат во секојдневниот живот. За ова можеме да научиме многу од минатото.
Изложбата е отворена до 10 март 2024.