Oд магионичарски трикови до сообраќајни знаци: флуоресцентната приказна на браќата Свицер

Во историјата на боите постојат малку приказни толку необични како онаа за флуоресцентните нијанси познати како Деј гло (Day-Glo) – денес симбол на безбедност, сигнализација и визуелна привлечност, а некогаш поврзани со темни, речиси морбидни сценски ефекти.

Од средината на 1930-тите години, компанијата Деј-гло ги промовирала своите впечатливи бои со исто толку впечатливи имиња, како Аурора розова, Корона магента, Сатурнова жолта, како такви што спасуваат живот, бидејќи се забележуваат побрзо и се многу посветли од обичните. Но нивното потекло е далеку од практично или индустриско – тие започнале како дел од магионичарски трикови и сценски илузии поврзани со смртта и исчезнувањето.

Зад ова откритие стојат браќата Роберт и Џозеф Свицер од Калифорнија. Приказната започнува со несреќа: Роберт, како млад студент по хемија, бил тешко повреден кога врз него паднала кутија конзерви со доматен сос. По повредата, со оштетен вид и чувствителност на светлина, морал да поминува време во затемнета просторија. Неговиот брат Џозеф, пак, бил страствен љубител на магијата, особено на т.н. „црна уметност“ (не црна магија), која користи ултравиолетова светлина за да создаде ефекти на појавување и исчезнување на предмети на сцена.

Токму во тие услови, во затемнетиот подрум на семејната аптека, браќата почнале да експериментираат со разни хемикалии. Со помош на ултравиолетова светлина откриле дека некои супстанции светат исклучително силно. Со мешање на раствори, успеале да создадат прва флуоресцентна боја – жолта нијанса што под нормална светлина изгледала бледо, но под „црна светлина“ блескала со неверојатен интензитет.

Ова откритие брзо нашло примена во магионичарските настапи на Џозеф. Во еден впечатлив перформанс, облечен во светлечки костим, тој создавал илузија на танчерка која се појавува од темнината, игра, а потоа „ја губи главата“ во драматичен ефект. Публиката била воодушевена, а браќата почнале да го продаваат овој трик како готов производ.

Во 1934 година, тие ја основале својата мала лабораторија – која всушност била пералната на нивната мајка – и почнале да произведуваат флуоресцентни бои. Иако работеле со едноставни алатки, нивниот производ бил скап и високо ценет, а тие нуделе и прилагодени решенија за секој клиент.

Во тие рани години, флуоресцентната боја имала специфична, речиси мистична функција. Таа откривала „скриен“ свет што станува видлив само под одредена светлина. Затоа често се користела во театарот за создавање морничави ефекти – на пример, костими со насликани скелети што светеле во темнина, создавајќи впечаток на „рентгенска“ слика на телото.

Дури подоцна овие бои излегле од театарот и магијата и станале дел од секојдневието – во сообраќајни знаци, работна опрема и индустриски дизајн. Целата приказна за браќата е раскажана во кратка но „густа“ епизода (какви што се сите на овој подкаст) на Мемори Палас.

4 мај 2026 - 15:00