Кога бил обвинуван за тоа дека користи туѓи мелодии, Ленон изјавувал: „Не ги користам, ги сакам". Ставот пак на Макартни бил - „Ние собираме од други луѓе онолку колку што тие собираат од нас".
Иако не е спорно дека „зајмеле" и од познати и од помалку познати автори, тие главно успевале креативно да ги покријат трагите. Освен во неколку случаи каде зајмењето е апла. Еве пет од нив:
"Revolution": Pee Wee Crayton, "Do Unto Others"
Воведот на калифорнискиот блузер Пи Ви Крејтон од 1954 ќе ви се види многу познат ако ја знаете „Револуција" на Битлси.
"Come Together": Chuck Berry, "You Can't Catch Me"
Запрашан за крадењето од Чак Бери, во интервју Ленон го признал оригиналниот извор, што било поттик Морис Леви, издавач на синглот на Бери, да потегне судски спор кој траел со години. На крај Ленон се согласил да направи верзии од три песни чиј сопственик бил Леви, директен кавер на истата „Не можеш да ме фатиш" и две различни верзии на „Ја ја" на Ли Дорси.
"I Feel Fine": Bobby Parker, "Watch Your Step"
Боби Паркер, блузер од Вашингтон, стигнал до 51 место на поп листите во 1961 со оваа песна. Битлси ја позајмиле централната гитарска делница, врз основа на која Ленон ја направил и „Деј Трипер". Тој не бил осамен во љубовта кон оваа песна - Лед Цепелин ја имаат искористено за „Моби Дик".
"I Saw Her Standing There": Chuck Berry, "I'm Talking About You"
Понекогаш Битлси краделе само еден елемент од нечија песна. Во случајов се работи за бас риф, кој според Макартни, иако на луѓето им е тешко да поверуваат, случајно се поклопува со оној на Бери.
"Lady Madonna": Humphrey Lyttelton, "Bad Penny Blues"
Макартни секогаш изјавувал дека „Лејди Мадона" е трибјут на Фатс Домино. Сепак, директен претходник на делот со пијаното е сингл на британски џез трубач под име Хамфри Лителтон. Издавач на песната бил Парлофон. А главен во Парлофон во годината кога е издадена: Џорџ Мартин.
Сепак, Макартни и Ленон полесно поминувале со нивните „инспирации" отколку нивниот колега Харисон. Џорџ за солото во My Sweet Lord морал да плати 587,000 долари на групата Шифонс, за нивната песна He's so Fine, иако пресудата се однесувала на „несвесен плагијат"
Koментарот на Ленон: глуп, можел да смени неколку ноти и ќе бил раат.
Извор: Ролинг Стоун