Фредерик Гро е француски професор по филозофија, кој го промовира пешачењето, но не како спорт. Првата реченица во неговата книга „Филозофија на пешачењето“ е: спортот е дисциплина, вложување труд и изведба. Но пешачењето е најдобриот начин да забавиш. Тоа е антидот на брзањето во кој и да е облик - ако сакаш да си брз треба да возиш или да леташ. Во спротивно треба просто да одиш.
Ова многу добро го знаеле филозофите кои ги вклучувале пешачењата во својата рутина, како начин да спречат прегревање на умот. Медитативните својства на одењето, споено со убав пејзаж, или барем бистро небо, за некого се терапија, но за други дури и начин на работа. Ниче пешачел додека другите работеле и работел додека пешачел. Торо и Ганди имале свои филозофии на пешачењето. Артур Рембо уште како 15-годишник пешки заминува до Париз, подоцна до Брисел, па упорно назад, за да собере сила за нови пешачења, изложен на студ, без пари и храна. Во тие упорни бегства се случува неговата поезија, која за време на неговиот живот на многумина им била непозната и непризната. И кога престанал да пишува тој и понатаму бега, се обидува упорно да оди и покрај ампутацијата на десната нога. Кант, пак, шетал само низ Кенингсберг а локалците можеле да ги нагодуваат часовниците по него - го гледале точно во пет и точно во осум навечер.
Надоврзувајќи им се, Гро се бори против пасивноста, и нè поттикнува да ја обновиме врската со природниот свет:
Додека одите наидувате на моменти на чисто задоволство. Мирисот на капини или мирта, нежната топлина на раното летно сонце, свежината на некој извор. Нешта што не си ги знаел претходно. На овој начин пешачењето дозволува, во сјајни изливи, расчистување на пат за чувствата, во дискретни количества: ракатка средби долж патот.
Делото на Гро е опишано како филозофско, но лесно за разбирање: сите ние можеме да си дозволиме за момент да си излеземе од главата и од нашиот дом и да уживаме во природата, во судар со светот кој продира во телото.