Среќен меѓународен ден на џезот, 30.4

Од каде потекнува зборот „џез“?

Oд бејзбол, минерална и лековита „газирана“ вода до парфем од јасмин и сексуални работнички - историјата на терминот „џез“ е музичка приказна самата по себе. 

Првиот познат пример на „џез“ во пишуваните медиуми на англиски јазик е од 1912, но тој е поврзан со бејзбол, а не со музика. Цитирајќи изјава на еден од играчите на тогашниот клуб Портланд Биверс, Лос Анѓелес Тајмс пишува:

„Оваа година имам нов замав. Го нарекувам џез топка затоа што се тетерави, мрда наваму-натаму и едноставно не можеш да се одбраниш од неа“.

Од тогаш терминот се појавувал главно на спортските страници на весниците, и станал синоним за ентузијазам, жар и полетност во играта (како што е случај во името на денешниот кошаркарски клуб Utah Jazz).

Oва е веројатно рефлексија на постар и заборавен термин кој се пишувал jasm, а значел дух, енергија. Според Историскиот речник на американскиот сленг тој датира од средината на 19 век, а според некои лингвисти и историчари на џезот, има африканско потекло. Во креолскиот идиом на доселениците во Њу Орлеанс jaz значело нештата да се убрзаат, да се предизвика возбуда.

Но „џез“ можеби е поврзан и со парфемот од јасмин кои проститутките го носеле во квартовите со црвени светилки во истиот град. Французите ја донеле индустријата на парфеми во Њу Орлеанс, а маслото од јасмин било популарна состојка. Неговото додавање на парфем било наречено „џесинг“. Силната арома се ширела по „сомнителните“ улици на градот каде проститутка (која во 19 век се нарекувала и џезабел), му пристапувала на потенцијалниот муштерија со реченицата: „Дали си за еден џез вечерва, младичу?“

На почетокот на 20 век музиката која подоцна ќе се придружи на џез жанрот се викала поинаку - регтајм, блуз, диксиленд. Во бања во Бојс Спрингс, еден бенд свирел во синкопиран стил еден жив, „воздушест“ стил, поврзан со истата таква, по малку газирана вода од изворите на бањата, која била наречена „џез вода“. Водачот на бендот, Арт Хикман, не бил многу среќен што посетителите на неговите свирки почнале да ја опишуваат оваа музика како „џези“, но името останало. Во неговиот некролог од 1930 тој е наречен „таткото на џезот“.

„Џез“ е еден од етимолошки најпроучуваните термини во англискиот јазик, па оттаму и големиот број теории. Она што е сигурно е дека без оглед на своето потекло, терминот е глобално раширен, и веќе никогаш нема да асоцира на бејзбол.

30 април 2021 - 10:39