Зборот „паника“ потекнува од името на Пан, едно од најнеобичните божества во старогрчката митологија. Тој бил прикажуван како суштество со човечко тело и козји нозе и рогови, а се поврзувал со пролетта, плодноста, ловот, земјоделството, овчарите, стадата и дивата природа.
Според античките верувања, Пан живеел во планинската област Аркадија на Пелопонез, далеку од градовите и храмовите на големите олимписки богови. Наместо во светилишта, нему му се принесувале дарови во пештери, шуми, ливади и други осамени места. Овчарите и ловците му се обраќале со надеж дека ќе ги заштити нивните стада или ќе им донесе успешен лов.
Потеклото на Пан не е сосема јасно, бидејќи различни антички извори нудат различни приказни за неговите родители. Сепак, за разлика од многу други богови, тој секогаш останал симбол на селскиот живот и дивината. Често бил замислуван како свири на својата пастирска флејта, која денес е позната како Панова флејта.
Со текот на времето, Пан станал поврзан и со чувството на ненадеен, необјаснив страв. Старите Грци верувале дека кога стадата одеднаш ќе се разбегале без очигледна причина или кога дивите животни ќе избегале непосредно пред ловците да ги фатат, тоа било поради „пренк“ што им ги приредувал Пан. Исто така, чудните звуци што се слушале во густите шуми и планините – необични крици, завивања или шумолења – често му се припишувале нему. Знаел да биде особено раздразлив кога ќе го разбуделе од пладневна дремка кога неговото дерење влевало страв во коски на оние што можеле да го слушнат.
Според едно старо предание, токму силниот извик на Пан предизвикал паника кај персиската војска во битката кај Маратон, поради што војниците се разбегале во страв.
Оттука произлегло и значењето на зборот „паника“. Во својата изворна смисла тој го означувал истиот ненадеен и силен страв што, според античките верувања, Пан можел да го всади кај луѓето и животните.